Дали во пандемија секој сака да биде свој газда? - Огромен интерес за грантови за самовработување

По само една недела од отворање на огласот за грантови за самовработување АВРМ не прима апликации. Службените лица во Агенцијата ги враќаат заинтересираните и не даваат да пополнат пријави иако огласот трае до крајот на месецот, се пожалија граѓани до редакцијата на Сител. Од Агенцијата објаснуваат дека поради големот интерес, квотите во некои Центри за вработување се веќе пополнети.

Квотата по Центри за вработување согласно коефициентот за регионална застапеност во Центрите за вработување во Битола, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Прилеп, Скопје, Струга и Тетово веќе е пополнета додека во останатите Центри за вработување јавниот оглас продолжува да тече до исполнување на предвидениот број на кандидати. Бројот на апликациите е секогаш околу 40 % поголем во однос на поставената квота.

Брзото пополнување на бројот на кандидати и затворената врата за оние кои не успеале да аплицираат отвора сомнеж кај апликантите дека има манипулации при изборот.  Од Агенцијата уверуваат дека простор за злоупотреба нема. За оценување на изготвените бизнис планови, се формира Експертска комисија, составена од тројца експерти од областа на финансии, банкарство, претприемништво.

Конечната ранг листа на селектирани лица корисници на грант се одобрува од страна на Комисија за селкција на учесници на активни програми и мерки за вработување формирана од 9 релевантни институции, што овозможува целосна заштита од злоупотреби во рамки на процесот на селекција.

Со грантовите за самовработување е предвидено 1.762 лица кои сакаат да почнат сопствен бизнис да добијат до 5,000 евра, односно до 10,000 ако се двајца содружници.