Во Македонија во моментов има само два мрежни мобилни оператори и сме единствената држава во регионот каде сме со два оператори. Во минатото Македонија имаше три оператори но по спојувањето на Оne и Vip подоцна се ребрендерираа во А1 Македонија пак се вративме на бројката од два. Значајно е да се каже дека пред речиси 2 години во Македонскиот пазар влезе српскиот гигант МТел но неговото учество во вкупниот пазар на мобилна телефонија е скромно.
Прашањето кое веќе се поставува речиси 10 години е дали во Македонија има простор за влез на уште еден мобилен оператор. За таа цел се направија напори преку влегувањето на Lycamobile и Телекабел да се создаде конкуренција во мобилната телефонија но тоа не доведе до некои поголеми поместувања на пазарот.
Бројките на искористеност на мобилната телефонија во Македонија се постојано високи. Последните податоци велат дека речиси колку имаме население според пописот толку имаме активни претплатници или тој број е речиси 2 милиони.
Последните истражувања покажаа дека во Македонија има простор за нов мобилен оператор. Но за разлика од уверувањата на надлежните уште во 2015-та мобилниот оператор А1 излезе во јавноста со тврдење дека според нив не постои можност за воведување на трет мобилен оператор. Причините што ги наведоа од таму беа дека Македонија како држава има многу мал пазар- 2 милиони луѓе и притоа куповната моќ на населението постојано се намалува. Тие притоа додадоа дека кога евентуално би влегол трет мобилен оператор постоечкиот односно доминантниот би приграбил многу поголем дел од колачот додека другите два би требало да се задоволат со трошките.
Од пред некој ден на оваа тема се приклучи и новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски. Тој на својот Фејсбук профил објави дека се разгледува можноста за влез на трет мобилен оператор во земјава.
„Нашата анализа кажува дека цените за мобилната, како и за кабелската телевизија и интернет услугите се поскапи од најголем дел европски земји. На пазарот постои класичен дуопол. Затоа мора да бараме мерки да поевтинат услугите. Граѓаните да имаат подобри и поевтини услуги. Затоа потенцијално решение е трет мобилен оператор. Во следниот период ќе мотивираме големи имиња од светот на телекомуникациите да се појават на македонскиот пазар. Време е државата да прави за граѓаните“ напиша Николоски на социјалните мрежи
За разлика од нас во регионот речиси и да не постои држава која има два мобилни оператори. Словенија, Бугарија и Романија имаат дури 4 мобилни оператори додека сите други останати држави во поблиското соседство имаат по три оператори вклучувајќи ги и земјите кои имаат помало население од Македонија.
Дека Македонија може да биде атрактивна за другите оператори се гледа по примерите во минатото каде интерес покажа турски Turkcell. Исто така интерес изрази и бугарски Vivacom. Сепак она што е значајно да се спомене е дека кабелските оператори кои нудат услуга на територијата на Македонија во своето портфолио нудат и услуги кои освен телевизијата вклучуваат и пакети со кој на корисниците им се дава можност да изберат дел од нивните услуги поврзани и со телефонијата.