Дали во Македонија има бразилски сој на Ковид-19?

Српските доктори стравуваат дека бразилскиот сој на коронавирусот веќе е присутен во нивната земја, иако од тамошниот Медицински факултет сè уште не потврдија присуство на бразилската мутација во нивната лабораторија, каде секојдневно земаат брисеви и вршат анализи.

Имунолозите кај нас не сакаат да шпекулираат сè додека официјално не се потврди присуство на бразилската мутација.

Вирусот во Бразил се шири со огромна брзина и за само 5 дена заразени се над 13 милиони жители, што претставува 6% од вкупното население. Официјално е потврден и во неколку европски држави. За сега се знае дека е доста поопасен од оригиналниот вирус, а од посериозна епидемиолошка слика не се поштедени ниту младите.

Но, мутациите и ризиците од новите вируси не ги спречуваат луѓето да ги планираат своите патувања. Во обид да дојдат до т.н. Ковид-пасош, најнов тренд е некои луѓе намерно да се инфицираат со вирусот. 

Во Словенија се сериозно загрижени за оваа појава, која е сè почеста со оглед на тоа што имунитетот стекнат со прележување на вирусот се третира исто како и имунитетот стекнат од вакцините.

Имунолозите сметаат дека намерното заразување може да предизвика повеќе штета отколку корист.

И британски Гардиан предупредува на опасноста од намерно заболување со вирусот, со цел да се создадат антитела за да може да се патува. Британските епидемиолози велат дека тоа е опасна пракса, која никако не ја препорачуваат. Велат дека неспоредливо е подобро да се вакцинираат и да ја спречат болеста, отколку да се разболат и така да стекнат имунитет.