Дали Владата ќе ги заштити граѓаните од растечкиот тренд на цената на нафтата која повлекува и зголемување на другите трошоци?

Дали ќе има потреба и дали Владата планира да реагира и на некој начин да ги заштити граѓаните од растечкиот тренд на цената на нафтата која повлекува и зголемување на другите трошоци, пишува Фактор. 

Владата од почетокот на годинава ја зголеми акцизата за дизелот за три денари, со образложение дека со тоа ќе се намали употребата на дизелот и ќе се намали загадувањето. Сепак и познавачите тврдеа дека тоа нема да има таков ефект, а дека граѓаните ќе бидат значајно погодени. Граѓаните се жалат дека не можат да ги издржат поскапувањата и дека тоа значајно им влијае на семејниот буџет. 

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски вчера изјави дека се очекува цената на нафтата и дополнително да расте, а во Македонија цените се формираат по движењата на светскиот пазар и од промените во вредноста на доларот. Рече дека методологијата е утврдена и дека регулаторите немаат можност за реакција, но Владата може ако сака да превеземе нешто. 

„Факт е дека, заради зголемувањето на цената на нафтата, а со тоа и цената на бензините и на дизелот во земјава, и приходите во Буџетот, по основ на ДДВ, се зголемуваат, па верувам дека треба да се направи анализа, да се види колку се тие приходи зголемени, и дали понатаму, преку одредени механизми, барем дел од тие средства ќе можат да се вратат, со цел воведување на заштитни мерки за крајните потрошувачи“, рече вчера Бислимовски.

Тој рече дека комисијата ги утврдува цените по методологија, ратификувана во Собранието во 1999 година заедносо договорот за продажбата на ОКТА. Цените зависат од вредноста на нафтата брент на светските берзи, која сега е 86 долари за барел, но и од курсот на доларот, кој расте. Дури кога во јули 2019 ќе заврши тој договор, комисијата, согласно Законот за енергетика, ќе донесе нова методологија.

Моментно по псоледното поскапување Еуросупер од 95 октани чини 74,5 денари за литар. Литар Еуросупер 98 вреди 76,5 денари. Дизелот поскапе за два денари - неговата цена е 69 денари по литар.