Дали треба да се раздава храна за Задушница - што вели црквата

Во спомен на починатите, православните верници ја одбележуваат Задушница, еден од најголемите христијански празници. Сеќавајќи се на покојните претци, верниците на овој ден се молат за простување на гревовите. Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, се пали свеќа, се чита молитва и се принесува жртва за спасение на починатите. Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден  е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.   

Во православната црква имаме само безкрвни жртви. Сето друго кое се принесува, раздавањето, разното количество на храна подразбира и излишно нешто и може да се намени за некои подобри цели, отколку да се остава на гробиштата или да се раздава меѓу верниците. На пример, може да се искористи како жртва во името на починатиот и да се даде на сиромашните семејства кои сигурно ги имаме во зградата или во маалото каде живееме, потоа во народните или црковни кујни да се донира таа храна како количество кое би било употребено целисходно“ велат свештениците.