Дали социјалната пензија ќе ја намали сиромаштијата во земјава?

Постарите граѓани кои немаат стаж ќе добиваат социјална пензија, а законот е веќе испратен во Собрание.

Се предвидува сите граѓани со наполнети 65 години да добиваат месечен надомест од 6.000 денари без разлика дали  работеле или не. Оваа сума еднаш годишно ќе се усогласува со трошоците на живот. Ваков надомест нема да добиваат граѓаните чиј партнер има пензија. Услов за стекнување на надоместокот е граѓанинот да е државјанин на Македонија во последните 15 години, да нема имот од кој може да се издржува и да нема примања од друга држава.

Предвидено е и дека за време на користење на пензијата се добиваат и здравствена заштита, ако таа не е обезбедена по друг основ, како и по 1.000 денари месечно за загревање на домот во периодот од октомври до март, исто така, ако овие пари не се добиваат по друг основ.

Парите нема да се добиваат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување туку од центрите за социјална помош, каде и ќе се поднесуваат барањата. Во Предлогот на законот се наведува и дека социјалната сигурност за старите лица се обезбедува согласно со начелата на социјална праведност, хуманост и солидарност. Деталите околу тоа како ќе се реализира оваа давачка, ќе се утврдат со подзаконски акт кој министерката за труд и социјална политика треба да го донесе во рок од три месеца од денот на влегување во сила на законот.