Дали со минимална плата во Македонија се живее достоинствено?

За храна и комуналии граѓаните најмногу одвојувале од својот буџет. Велат дека одвај крај со крај сврзуваат.

Во Македонија минимална плата е 15.000 денари. Па тука се поставува прашањето како Македонецот успева со оваа плата да го помине месецот?

-За сметки мора да има, она што ќе остани е за храна. Одвај сврзуваме крај со крај, вели Нада од Драчево.

-Иако имаме висока пензија и таа не ни стига бидејќи децата ни се невработени па им даваме од пензиите, вели Живко од Маџари.

-И јас и сопругот земаме плата од 15.000 денари. Тешко е многу. Среќа па имаме бавча па нешто си произведуваме сами, а ако ни се роди повеќе и продаваме. Така некако го истуркаме месецот. Не знам што ќе правиме од септември кога ќерката ќе тргне на факултет, вели Вера од Ѓорче.

Повеќе од половина од младите во Македонија се невработени, а голем дел од нив сонуваат да ја напуштат земјава. Со 200 евра не може да платиме кирија, а не па да живееме, велат дел од нив.

Македонија се бори да ги задржи младите во земјата и да создаде подобри услови и перспектива, но нема стратегија за враќање на веќе иселените. Најголем проблем за младите и натаму претставува невработеноста.

Ретки се тие што се иселиле од Македонија, но по одредено време решиле да се вратат во родната земја.