Дали сезонскиот грип ќе нè одмине годинава? - Досега мал број на заболени

Во текот на 42-рата недела од 2021 година, односно од 18-24.октомври годинава, во земјава пријавени се 15 случаи на заболени од грип/ заболувања слични на грип, информираат од ИЈЗ. 

Заболените лица се регистрирани во Охрид – 14 и Дебар – 1, 11 се од возрасната група од 15-64, а по 2 од нив се од возрасните групи од 5-14 и над 65 години.

Кумулативно, од почетокот на сезоната, пријавен е 21 случај на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Од нив, 14 се од Охрид, 6 од Гостивар и еден до Дебар. Според возрасната дистрибуција, најголем дел од пријавените (13) се на возраст од 15-64 години.

Во текот на 42-ра извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 224 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 6 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

Досега е пристигнат 451 материјал паралелно тестирани за грип и COVID-19 и сите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.