Дали сè уште постои ? Љубовта што не се откажува по првата тешкотија

Луѓето денес се откажуваат при првата препрека. При првата расправија, првото недоразбирање, првата фаза кога љубовта повеќе не изгледа лесна и возбудлива.

Photo by Junior on Unsplash

Наместо да се запрашаат што може да се научи, што треба да се поправи или како да се разговара, многумина веднаш заклучуваат дека „не е тоа тоа“. Како љубовта да треба да функционира без напор, без конфликти и без раст. Но секоја врска, без исклучок, минува низ моменти кога станува тешко. Не постои совршена линија. Не постои врска во која има само сонце и ништо друго.

Старомодната љубов не се плашела од тие моменти. Таа не бегала од расправијата, туку ја гледала како дел од заедничкиот живот. Луѓето не се разделувале затоа што било напнато, туку се труделе да разберат зошто е напнато. Не затоа што биле посовршени, туку затоа што знаеле дека љубовта не е само чувство, туку одговорност. Одговорност да се остане, да се слуша и да се работи на односот.

Денес често се меша здравото напуштање со брзото откажување. Да си заминеш кога си понижуван, повредуван или постојано игнориран е самопочит. Но да си заминеш затоа што е тешко, затоа што бара разговор, трпение и време, тоа е нешто друго. Тоа е одбивање да се вложи. Љубовта што трае не се одржува со совршена компатибилност, туку со подготвеност да се помине и низ непријатните фази. Да се биде човек, да се биде отворен и ранлив, да се биде тука за другата личност. Да ги сакаме нивните убави страни, но и да ги разбереме и прифатиме некои од нивните маани. 

Photo by Ash Davenport on Unsplash

Луѓето кои и денес, по 40 или 50 години брак, сè уште имаат љубов, не останале заедно затоа што никогаш не се расправале. Напротив. Останале затоа што не ја напуштиле врската при првата криза. Затоа што знаеле дека блискоста се гради кога ќе се помине низ тешкото, не кога сè оди мазно. Тие не барале нова приказна секогаш кога старата барала работа.

Љубовта што не се откажува по првата тешкотија не е романтична и не е драматична. Таа е тивка, упорна и зрелa. Таа не ветува дека нема да боли, туку дека нема веднаш да се бега. И можеби токму затоа денес изгледа ретка. Не затоа што исчезнала, туку затоа што бара нешто што малкумина се подготвени да го дадат – истрајност.