Дали реализираните 30 отсто од мерките значат и за третина почист воздух?

Владата со мерките што ги предвиде во „Планот за чист воздух“ минатата година си постави цел да го намали загадувањето на воздухот за 50 отсто до 2020 година. Во овој значаен документ стои дека квалитетна и здрава животна средина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани во Република Македонија. Чистиот воздух е една од главните компоненти, кој, за жал, историски гледано, во последните децении, бележи високи вредности на загаденост.

Но евидентно е дека повторно македонските градови и годинава стануваат лидери во загаденост на воздухот. Оттаму се поставува и прашањето што се презема и колку се презема за да се остварат очекувањата да се намали загадувањето на воздухот како што е планирано до 2020 година.

Со донесувањето на „Планот за чист воздух“ Владата на некој начин се обврза до 2020 година да го намали загадувањето на воздухот за 50 проценти во Скопје, а во другите градови од 30 до 50 проценти. Планот, пак, предвидува повеќе краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Поточно предвидува реализација на 46 краткорочни мерки и 152 среднорочни и долгорочни мерки, кои се поделени по сектори, како греење во домаќинствата, сообраќај, индустрија, управување со отпад, производство и користење енергија, јавно информирање и административни политики. Невладината организација „Екосвест“ спроведе истражување, испитувајќи го и јавното мислење колку се ефективни спроведените мерки за намалување на загадувањето. Податоците покажаа дека 50 проценти од испитаниците мислат дека мерките се незадоволителни или лошо спроведени.
– Статистички прикажано, од краткорочните мерки спроведени или влезени во новата програма за загадувањето се околу 30 отсто, а од среднорочните и долгорочните се нешто повеќе од 31 отсто, односно од вкупните предвидени мерки, само 30,81 отсто се во план да бидат спроведени или веќе се спроведуваат. Повеќето од мерките се насочени кон минимални рестриктивни мерки во делот на сообраќајот и кон субвенции за промена на начинот на загревање на домаќинствата – објаснува Елена Николовска, комуникациска менаџерка во „Екосвест“.

„Планот за чист воздух“ предвидува и преземање приоритетни активности. Една од нив е подобрување на мониторингот на квалитетот на воздухот, поточно комплетна замена на сите инструменти во мониторинг-станиците. Евидентно е дека сѐ уште сите мониторинг-станици не се во функционална состојба, а и за нашите мерни станици тешко се наоѓаат делови со оглед на тоа дека се многу стари. Доколку нема функционални јавни мерни станици, државните институциите немаат соодветен начин да донесат релевантни заклучоци за загадувањето во нашиот регион, а наскоро ќе влеземе во 2020 година. Подобрување на капацитетите на инспекторатите за животна средина за вршење инспекциски надзор е втората мерка. Според „Анализата на препорачаните мерки за справување со загадувањето на воздухот во Македонија“ на „Екосвест“, и оваа мерка не е спроведена бидејќи сѐ уште има недоволен број инспектори. Постојат и други мерки што беа актуализирани од страна на Владата, но сепак во реалност се само делумно остварени или спроведени. Тука е примерот со еколошките налепници, а мерката предвидуваше секое возило да има истакнато во која класа припаѓа според штетните емисии и гасови што ги произведува. Од „Екосвест“ велат дека начинот на кој е напишана новата одредба е дискутабилен и не се знае дали ги прави овие налепници задолжителни. Добар пример се и мерките што се врзани за јавниот транспорт, кој сѐ уште не е обновен со нови и поеколошки автобуси. Од друга страна, во јавниот превоз старите автобуси не се заменети и продолжуваат да загадуваат.

izvor- novamakedonija.com.mk