Дали означувањата на храната вистински не информираат или не доведуваат во заблуда, па дури и не манипулираат?

Функционален и хранлив, извор на протеини, свеж, без ГМО, за правилна дигестија, премиум, со сите важни состојки за активен метаболизам и добро варење, по традиционален рецепт, природен антиоксиданс, достапeн во четири различни вкуса, погодeн за дијабетичари, без холестерол, делотворен за цревната флора, оригинален квалитет, за само десет дена ги намалува стомачните и дигестивните тегоби,…

Ова се само некои од „препораките“ на производите кои речиси секојдневно ги конзумираме. Дали тие вистински не информираат или можеби не доведуваат во заблуда, па дури и не манипулираат, прашува агенцијата МИА.

Обележувањето на храната секогаш поттикнува дилеми – колку соодветствува на производот, ги содржи ли неопходните податоци (нето тежина, рок на траење, нутритивната вредност, алергени, состојки кои може да предизвикаат нетолерантност,…) или има и други, дополнителни, кои можат да го „извозат“ потрошувачот, да го наведат да купи нешто што можеби и немал намера или нешто што е потполно исто со друг производ само од поинаков бренд.

Што велат експертите, но, и дали потрошувачите воопшто ги читаат декларациите? Што е со поплаките дека на производите пакувани за одредени маркети, никаде не стои кој е производител?

– Етикетите на прехранбените производи не треба да го доведуваат потрошувачот во заблуда, туку да му обезбедат јасни и целосни информации за да знае што точно купува и врз основа на тоа да направи правилен избор согласно своите потреби и барања. Секој производ треба да ги содржи 12-те задолжителни информации што нашиот Правилник ги налага како обврзни на декларацијата или амбалажата: состојките, алергените, нето тежината, датумот на минимална трајност, условите за чување и употреба, адресата на операторот, местото на потекло, упатството за употреба и хранливата вредност изразена во нутритивна табела. Декларациите задолжително треба да ги содржат и состојките кои предизвкуваат нетолерантност, истакнува за МИА Лидија Петрушевска – Този, претседател на работната група за храна при Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

Според неа, процентуалната застапеност на шеќерот, мастите и солта мора да се наведени, без исклучок. Ако, пак, производот е од увоз, тогаш, покрај постојната, мора да има и декларација на македонски јазик, барем за основните состојки.

– Некои од увезените прехранбени производи, посебно муслите за деца, немаат декларација на македонски јазик, а родителите најмногу ги купуваат. Имаат доверба дека се од ЕУ, иако тоа не значи секогаш подобар квалитет во однос на домашните, напоменува Петрушевска – Този.

Според претседателот на ОПМ Маријана Велкова Лончар, и читливоста на декларацијата е многу важна, да не биде со бели букви на проѕирна амбалажа.

– И големината на буквите треба да е соодветна. Замислете обичен потрошувач кога ќе влезе во маркет и сака да купи пет, десет производи, а треба/сака да ја прочита декларацијата. Мора да се размисли во оваа насока, за читливоста. Иако засега буквите на декларациите според величината одговараат на законски пропишаното и се согласно Правилникот, од аспект на потрошувач е тешко да се прочитаат. Дури и со лупа тешко се читаат, а одите и сакате да пазарите, вели Лончар.

Осврнувајќи се на истражувањето што го спроведе АХВ во соработка со ОПМ, Лончар укажува дека кога биле купени таргет – производите, за анализа, потребна била лупа за да се прочитаат деклерациите.

– Ги гледавме со лупа, ги зголемувавме, зашто имавме проблем дел од нив да прочитаме, дополнува претседателката на ОПМ.