Дали ни се потребни додатоци во исхраната во текот на летото?

Во летниот период, многумина веруваат дека со разновидна храна, овошје и сонце, добиваме сè што ни е потребно за здравје и енергија.

Photo by Polina Tankilevitch

Ова е делумно точно, но летото носи изобилство на витамини преку сезонски намирници. Но прашањето дали ни се потребни додатоци во исхраната не е толку едноставно. Зависи од нашиот начин на живот, изложеност на сонце, стрес, исхрана и индивидуални потреби. Дури и во најсветлите денови, на телото понекогаш му треба потпора.

Еве неколку додатоци кои може да бидат од корист летно време:

Витамин Д – да, дури и летно време

Иако во лето сме повеќе изложени на сонце, многумина поминуваат часови во затворени простории, под клима уреди или со заштитен фактор кој го блокира синтетизирањето на витаминот Д преку кожата. Витаминот Д е клучен за имунитет, коскена структура и расположение. Ако сте често внатре, додаток од 1000–2000 IU дневно може да биде добредојден.

Магнезиум – за нервен систем и хидратација

Со топлината и потењето, често губиме електролити. Магнезиумот не само што го поддржува нервниот систем и квалитетот на спиењето, туку и помага во релаксирање на мускулите и спречување грчеви, особено по физичка активност. Се препорачува особено кај луѓе кои вежбаат, се потат многу или имаат напнатост и стрес.

Цинк и витамин Ц – поддршка за имунитетот

Иако обично се поврзуваат со зимата, летото носи свои предизвици – патувања, промена на клима, ладна храна, клима уреди. Цинкот и витаминот Ц можат да помогнат во заштита од летни инфекции или опаѓање на отпорноста. Комбинирани, тие исто така го поддржуваат здравјето на кожата – важно во сезона на сонце.

​​​​​​​

Photo by ready made

Пробиотици – за дигестија и патувања

Промена на вода, храна или рутина може да влијае на цревната флора. Пробиотиците се особено корисни при патувања или по антибиотик, но и за оние што имаат чувствителен дигестивен систем. Тие го одржуваат балансот во организмот и можат да помогнат при надуеност, дијареа или неварење.

Биотин и витамини од Б групата – за коса, кожа и енергија

Сончевите зраци, солената вода и базените можат да ја исушат кожата и да ја оштетат косата. Биотинот, заедно со витамини од Б групата, го поддржува регенерирањето на клетките и го подобрува изгледот на кожата, косата и ноктите. Тие се клучни и за метаболизам и енергија.

Додатоците не треба да бидат замена за храна, но може да бидат паметна потпора – особено во лето, кога телото работи „во повисок режим“. Секогаш е добро да се консултирате со лекар или нутриционист, особено ако имате хронични состојби или пиете редовна терапија.