Дали навистина мораме да трпиме некои луѓе во нашиот живот?

„Човек може да се откаже од многу работи, но не и од луѓето.“ – Лудвиг Борн

Нашата околина многу влијае на нас. Уште од најраното детство ја градиме сликата за себе низ очите на околината, почнувајќи од родителите, бабите и дедовците, учителите и учителките, врсниците…

Многу истражувања покажале дека поддржувачката околина е многу важна за емоционалната стабилност. Кога сме деца не можеме да ја бираме нашата околина, родителите се такви какви што се, како и бабите и дедовците и учителите и учителките. Мораме да бидеме свесни за фактите дека тие дале сѐ од себе и дека за подобро и не знаеле.

Ако во детството не можеме сами да си ја бираме околината, со влегувањето на пубертет сами го бираме друштвото кое нам највеќе ни одговара. И баш тука паѓаме во замката. Мислиме дека ако сме немале избор во детството, мора и сега да биде така, па често прифаќаме нешто што можеби и не ни одговара баш, само за да бидеме прифатени. Тој шаблон на однесување и понатаму се повторува во текот на животот, па често можеме да слушнеме како луѓето зборуваат дека се опркужени со негативни луѓе кои ги исмејуваат, омаловажуваат, луѓе кои постојано кукаат, бараат виновници во сите освен во себеси, луѓе кои ги нервираат, но велат дека мораат да ги трпат.

Да ви кажам една работа: АМА БАШ НЕ МОРАТЕ.

Не морате да трпите ниту еден однос кој не ве исполнува, ниту една интеракција после која се чувствувате лошо и ниту една врска во која не сте рамноправни.

Запомнете дека секогаш имате избор, но некогаш не сакаме да го прифатиме тој избор. Секогаш имате право да ги бирате луѓето околу себе, да се опкружите со луѓе кои поттикнуваат само добри чувства, добри идеи и го извлекуваат најдоброто од вас.

И не ми велете дека не постојат такви луѓе, ги има многу, само вие сте личноста која треба да ги открие и да започне нова приказна.

Ганди рекол: „Биди промената која сакаш да ја видиш во светот“, затоа што кога се менувате себеси ја менувате и вашата околина.