Дали на македонските приредувачи на игри на среќа им се спрема албанско сценарио?

Дали борбата против коцкањето е само параван за преземање на бизнисот со игри на среќа? ДУИ предлага измени на законот за игри на среќа според кои обложувалниците, автомат клубовите и казината ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од градинките и училиштата. Законското решение се уште не е финализирано, на него се работи речиси една година, а власта не открива никакви детали, додека ДУИ го засилува притисокот за построга контрола на овој сектор.

Ова се случува само еден месец откако во Албанија беше донесено радикално решение со кое целосно се забрани постоењето на автомат клубови, обложувалници и казина со што беше ставен клуч на врата на над 4.300 објекти. Сепак, оваа земја дозволува коцкање на интернет, а тамошните медиуми пишуваат дека целата операција била направена за овој бизнис да го преземе компанијата „Баст арена“ која е единствена во Албанија што има лиценца за приредување игри на среќа на интернет. Законот за игри на среќа ѝ дозволува на Државната лотарија на Албанија да ангажира друг организатор за игри на среќа на интернет, а уште од 2015 година 30-годишната концесија за надзор над приредувањето игри на среќа албанската влада ѝ ја даде на приватната компанија „МЦ нетворкинг“, која е во сопственост на Ендри Мекси, деловен партнер на братот на Еди Рама, Олси Рама.

Истовремено со затворањето на автомат клубовите, обложувалниците и казината во Албанија, во земјава почнаа да се организираат протести против нив и тоа засега единствено во места претежно населени со етнички Албанци. По ова ДУИ излезе со предлог законот кој би значел затворање на стотици вакви објекти низ земјава.

Во бизнис круговите веќе се шпекулира дека истите луѓе кои го преземаа овој бизнис во Албанија сакаат да се прошират и во Македонија.

Оваа индустрија значително придонесува за полнењето на државниот буџет. Во 2016-та само од добивките исплатени во спортските обложувалници и автомат клубовите државата инкасирала 38 милиони евра, оваа сума дополнително ќе расте со оглед на тоа што стапката од 1 јануари 2019-та беше зголемена од 10 на 15 проценти. Овој сектор вработува и неколку илјади луѓе, а во моментов тој брои помеѓи 6.000 и 7.000 вработени граѓани.