Дали Македонија повторно е пред карантин?

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче постојано информира за состојбата со коронавирусот во нашата земја, но и во Европа, за есенскиот период кој е пред нас.

„Дозволете да дадам генерален заклучок дека состојбата кај нас, како и секаде во Европа и во голем број земји во светот, се влошува како што се наближува есента. Велика Британија, Франција, Шпанија, Чешка и Холандија се меѓу земјите кои се подготвуваат да воведат нов пакет на рестриктивни мерки во обид да го сопрат ширењето на коронавирусот. Британската влада дури размислува дури и за воведување на нов национален карантин, а Шкотска упати предупредување до своите граѓани за тешки, но неопходни рестрикции. Израел е веќе во карантин, затворени се школи, градинки, трговски центри. И Франција ги заострува мерките до таму што, меѓу другото, ќе бидат забранети дружење помеѓу домаќинствата. Ова е нешто што го најавуваме многу пати и ги посочувавме септември како месец кога може да се очекува почеток на есенскиот бран“, истакна министерот Филипче.

Од анализите на епидемиолошките анкети на ново заразените, тој посочи дека јасно може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките и тоа пред се: на групирање, семејни собири и прослави, свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните.

„Очигледно граѓаните заборавија на важноста за почитување на мерките и последиците кои ги сносиме сите од нивното непочитување. Летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период кој го имавме полека завршува. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм, дека мора и натаму да делуваме за да го заштитиме јавното здравје и здравствениот систем. И повторно ќе кажам нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик критичните групи граѓани, но и сите останати кои може да бидат жртви на вирусот. Видовме дека коронавирусот може да биде фатален буквално за секој.  Заради оваа состојба веќе започнавме, а уште повеќе во следните денови ќе ги засилиме контролите за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила. Сите инспекторати и институции кои се задолжени за спроведување на мерките интензивно ќе работат и апелирам состојбата да се разбере многу сериозно. Апсолутно е недозволиво, покрај сите најави за ризиците кои ги носи есента, сериозен дел од граѓаните и натаму да не ги почитуваат мерките. Недозволиво е сериозен дел и од бизнисите пред се во угостителскиот сектор да не ги почитуваат мерките. Во тек се анализи за воведување на нови мерки, за спречување на понатамошно ширење на вирусот. Тука сакам да посочам дека наша стратегија и цел е навремено да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширењето на вирусот“, потенцираше Филипче и додаде дека целта е да се избегнат евентуални рестрикции на движење или мерки кои повторно ќе ја закочат економијата и целосно ќе не затворат во нашите домови, но доколку тоа биде нужно, тоа и ќе се направи.

Дел од мерките кои се разгледуваат се задолжително носење на маска и на отворено, ограничување на бројот на лица по маси во угостителските објекти, ограничување на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни собери и прослави на затворено, прецизен протокол за работа на угостителските објекти на затворено (со мал број на гости и соодветна дистанца), намалување на капацитетот на јавниот превоз и сл.

Министерот Филипче рече дека иако во моментов вкупниот капацитет на болниците е во добра состојба, еден од најголемите ризици беше и останува притисокот врз здравствениот систем.

„Свесни дека повеќе од сигурно ќе се соочиме со есенски бран, ние уште на почетокот на летото, почнавме да го подготвуваме здравствениот систем, ги зголемивме капацитетите, го зголемивме бројот на здравствени работници и го реорганизиравме системот. Но, системот не може без граѓаните и нивната поддршка. Сите се важни во овој процес. Да ги почитуваме мерките, да не дозволиме да се преполнат болниците. Непочитувањето на мерките исто така ќе значи оптеретени и изморени здравствени работници кои, заради големиот број на пациенти, нема да можат да пружат соодветната нега и грижа. Да ги почитуваме мерките бидејќи тоа значи почит и за здравствените работници. Секој од нас мора да ја разбере сериозноста на она што ни претстои. Мора да разбере дека непочитувањето на мерките ќе не одведе кон нови рестрикции кои секако никој не ги посакува. Може да не одведе кон критична состојба во болниците, кон нова неизвесност на секое поле. Ова не смееме да го дозволиме бидејќи ова ќе значи и доведување во прашање на економската стабилност на земјата, работните места, егзистенцијата. Сите знаеме какви штети предизвикува карантинот како мерка и врз економијата и врз моралот на граѓаните насекаде. Можеме да го превенираме само со целосно и доследно држење до препораките и мерките.  Од нас зависи каква есен ќе имаме. Од нас зависи како ќе го премостиме и овој бран. Во текот на следните денови, преку зачестена комуникација со јавноста ќе информираме за новите одлуки и мерки“, изјави министерот Филипче.