Дали Македонија ќе го следи примерот на Србија и ќе ги наградува вакцинираните?

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција кажа дека досега околу 110.000 граѓани се вакцинирани, а 23.000 од нив се ревакцинирани.

На прашањето дали се размислува на доделување парични награди за оние коишто ќе се вакцинираат исто како што тоа го стори Србија, Филипче истакна дека кај нас нема потреба од такво нешто.

– Мислам дека нема потреба за награда, има 130.000 пријавени за вакцинација и тоа е добар знак. Има добар интерес, а наскоро ќе започнат нови кампањи за поттикнување на вакцинацијата. Има сега кампања којашто е активна, а другите ќе започнат во следниот период. Од вкупниот број граѓани коишто се пријавени до 30 април веќе добиле или ќе добијат термин до 15 мај, и тоа е според возрасната граница. Како што се зголемува бројот на вакцинирани и како што ќе спласнуваат бројките на новозаразени, така ќе се повлекува и мерката за задолжително носење заштитна маска на отворено. Но, засега сметаме дека сè уште е рано за такво нешто – истакна министерот.