Во моментите кога некој ни каже „не те сакам повеќе“ или едноставно замине без објаснување, ни изгледа како љубовта да исчезнала преку ноќ. Но дали е тоа навистина така?

Photo by Vera Arsic
Психологијата вели – не баш. Според истражувањата на д-р Џон Готман, љубовта ретко исчезнува одеднаш. Она што изгледа како ненадеен крај, често е кулминација на подолг процес на емоционално повлекување, замолчени потреби и болка на која можеби не сме обрнувале внимание.
Луѓето не престануваат да сакаат во еден ден, тие престануваат да се чувствуваат видени, слушнати и ценети со тек на време. Дури и кога љубовта сè уште постои, недостатокот на емоционална поврзаност може да ја покрие со разочараност, исцрпеност или одбранбени ѕидови. Кога тие чувства немаат простор за исцелување, љубовта почнува да се повлекува, не затоа што исчезнува, туку затоа што нема каде да се изрази.
Мозокот е програмиран да забележува несогласувања и да памети емоционални повреди повеќе отколку убави моменти. Затоа, ако во една врска има повторување на болка без разговор, без поправка, со тек на време љубовта не се губи, туку се замрзнува. Според многу истражувања, квалитетот на емоционалната поврзаност, а не само интензитетот на чувствата е она што ја одржува љубовта жива на долг рок.
Но понекогаш, луѓето не знаат како да се справат со сопствените чувства. Некои бегаат кога ќе почувствуваат премногу блискост, други се плашат од конфликти, па го повлекуваат своето срце полека и тивко. Затоа, кога ќе нè погодат зборовите „не чувствувам исто“, тоа не е одраз на моментална одлука, туку често на низа мали мигови кога едниот или дватајцата не биле целосно присутни – или не се чувствувале доволно сигурни да бидат автентични.
Ова не значи дека љубовта е илузија, туку дека е жива, а сè што е живо, бара внимание, грижа и простор за раст. Ако тие нешта отсуствуваат, љубовта се повлекува како растение без сонце. И да, некогаш некој ќе замине ненадејно, но ретко кога е ненадејна и неговата внатрешна борба. Затоа, наместо да се прашуваме „како можеше вака одеднаш?“, можеби е поправедно да се прашаме: „што не видовме додека сè уште можеше да се поправи?“
Љубовта не завршува одеднаш, завршува кога престануваме да ја храниме со внимание, искреност и избор да останеме дури и кога е тешко. А тоа не е слабост. Тоа е човечко. Но ако нешто е сигурно, љубовта што навистина била жива, никогаш не исчезнува без трага. Останува во тишините, во зборовите што не сме ги кажале, и во силата што ќе ја изградиме кога ќе научиме од она што сме го изгубиле.