Дали ќе се рушат куќи за продолжувањето на Илинденска?

Продолжувањето на "Илинденска" кон Волково, а оттаму до обиколницата, на почетокот на месецов беше најавено како проект чија реализација се очекува по 2018 година. Според пресметките, треба да чини 10 милиони евра.

"Реализацијата на овој проект се наоѓа во почетна фаза и се работи на подготовка на проектната документација. Повеќе информации во врска со расчистувањето на имотноправните односи ќе бидат познати по завршувањето на проектите", велат од Градот. 

Според постојниот план за продолжување на улицата, трасата е од бунарите на "Водовод", преку нов мост преку Вардар во близина на телевизијата "Канал 5", преку индустриските објекти во Ѓорче кон Волково и Орман до обиколницата. Продолжувањето на "Илинденска" е проект стар половина век. Бил предвиден веднаш по земјотресот, го ветуваше Ристо Пенов во двата градоначалнички мандата, традицијата ја продолжи и Трифун Костовски, а за ова продолжување зборуваше и сегашниот градоначалник Коце Трајановски уште во првиот мандат. 

Трајановски изминативе години го обнови и го прошири булеварот по целата негова должина од Центар до Карпош 4.