Дали казните за сообраќајните прекршоци се доволно големи или треба промена?

Според членот 35 од законот, зголемување на брзината од 50 километри на час надвор од дозволената брзина предвидува казна од 400 евра, пречекорување од 30 до 50 километри на час надвор од дозволеното предвидува казна од 300 евра, од 10 до 30 километри на час – 45 евра, пречекорување од 10 километри на час надвор од дозволената брзина предвидува казна од 10 евра – велат од МВР. Во Австралија, за претерано брзо возење, автомобилот на сопственикот оди на преса.

Секојдневно се забележуваат автомобили кои возат со поголеми брзини од пропишаните, како на отворените патишта така и на улиците, особено на оние во Скопје. Од таа причина, бројката на изречени казни за брзо возење е голема, за само шест месеци годинава се напишани над 6.000 казни. Овие податоци укажуваат дека е потребно да се работи повеќе на сообраќајната свест и на безбедноста во сообраќајот. Штом полицијата ги гони и ги казнува несовесните возачи, а ништо не се менува, прашање е колку ваквите казни влијаат врз возачите и дали треба нешто да се смени во казнената политика?

Законот, исто така, предвидува привремено одземање на возачката дозвола на три до 12 месеци, покрај предвидената парична казна. Со оглед на тоа што годинава се издадени голем број казни за брзо возење, во одредени случаи се одземаат и возачките дозволи.

Бројот на сообраќајни незгоди кои што се случуваат секојдневно покажува дека на патиштата во Македонија, и покрај изречените казни, сообраќајните прекршоци не се намалуваат. Пред неколку години беа воведени драстични казни како за брзо возење, па дури и за погрешно паркирање, но подоцна тие глоби се ублажени. Полицијата се труди да ги врши своите обврски, но не секогаш успешно. Посебен проблем е Скопје, каде што иако ограничувањето за возење по градските улици е 50 километри на час, мнозинството возачи на булеварите возат со далеку поголема брзина. Тука спаѓаат не само автомобилите, туку и сопствениците на моторите кои, со намера, ем брзо возат ем моторите ги имаат така наштелувано да предизвикуваат енормна бучава. Не се за занемарување и активностите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, но нивните мерки се превентивни.