Дали ги знаеме нашите гласачки права?

Државната изборна комисија (ДИК) ги привршува подготовките за претстојниот референдум на 30 септември. Во целиот овој период ДИК функционира како професионално тело кое работи според Изборниот законик и Закоот за референдум, во колегијална атмосфера и сите одлуки ги носи едногласно, со цел да се обезбеди транспарентност и објективност на целиот процес.  Редовно се информира за секоја одлука, а се реализира и јавна кампања за информирање на гласачките права со слоган „Твој став, твое право“.

Кампањата има за цел да ги охрабри сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, слободно и активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Во прилог се гласачките права:

  • Право на глас има секој полнолетен државјанин на Република Македонија што е запишан во избирачкиот список.
  • Избирачкиот список е јавна исправа во која се запишани граѓаните со право на глас.
  • Секогаш гласаш сам, во свое име и само еднаш.
  • Гласањето е слободно и тајно и никој не може да утврди како си гласал.
  • За да гласаш, мора да се идентификуваш со лична карта или пасош издаден од РМ.
  • Мора да се потпишеш на изводот од избирачкиот список на твоето гласачко место.
  • Секој гласач добива само едно гласачко ливче.
  • На гласачкото ливче се става печат на местото определено за печат.
  • Гласаш со заокружување на еден од понудените одговори.
  • Важечко е само гласачкото ливче заокружено со хемиско пенкало во сина боја.
  • Гласачкото ливче се превиткува и се става во гласачката кутија.
  • Се забранува користење мобилни телефони и фотоапарати за фотографирање на гласачкото ливче.
  • Никој не смее да те повикува на одговорност поради гласањето, ниту, пак, да бара да кажеш како си гласал или зошто не си гласал.
  • Ако ти е повредено личното гласачко право во која било фаза од процесот или во постапката на спроведување на гласањето, можеш да поднесеш приговор до ДИК во рок од 24 часа.
  • ДИК е должна во рок од 4 часа по приемот на твојот приговор да донесе одлука.
  • Против одлуката на ДИК можеш да поднесеш жалба до Врховен суд во рок од 24 часа по приемот на решението.

Гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат за еден од понудените одговори на референдумското прашање: „за“ или „против“. 

Цензусот за референдумот е определен со Уставот на РМ, според кој на гласање треба да излезат мнозинството од запишаните гласачи во Избирачкиот список (50%+1).

Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.