Дали е предоцна да те прегрнам?

Денес запознав една храбра жена.

Ми рече дека го „упропастила сопствениот син“.
Ова не беше наше прво запознавање, се знаеме со години, но таа не е истата, а не сум ни јас. Иако понекогаш ми пречи кога ќе ги чујам зборовите: „првпат кога се запознавме“, сега сфаќам дека сепак не се запознаваме само еднаш како што ние тоа го мислиме. Благодарејќи на храброста која денес ми ја откри, онака спонтано во чекалница, ја запознав по не знам кој пат. Истиот облик, но содржината е поинаква. Или обратно. Не сум сигурна, но не ни важно. Како што секој пат се запознавам себеси одново, така ги запознавам и другите. И тие себе, односно мене.

По автоматизам ѝ одговорив дека не го упропастила, дека тоа може да се поправи, да не се грижи... Тогаш замолчев. Си реков: „Што ти е, прифати дека работите се такви какви што се, онака како што и таа прифатила, така на сите ќе им биде подобро, а најдобро ќе му биде на нејзиниот син.“

Таа вели дека не го прегрнувала кога бил мал. Била нервозна и постојано му се дерела и сега, во својот пубертет, тој не покажува никакви чувства. Ладен е и резервиран, речиси како да нема никаква емпатија кај него. И како што тоа обично бидува, со второто дете не била иста. Велат дека не ги повторуваш двапати истите грешки, но за жал, си остануваат последиците од првиот пат.

Загрижено воздивна и ми рече: „Се надевам дека не е предоцна за него.“

Седев и ја гледав и ѝ се восхитувавг на храброста. Да, згрешила. Но, за разлика од многу мајки за кои лично знам дека ги направиле истите (или уште полоши) грешки, таа го признава тоа, не само на другите, туку и на себе. И работи на тоа да ја поправи работата. Таа не сака нејзиниот син да биде оној типичен маж за кој потоа читаме во колумни, слушаме на кафе и слично.

Слушајќи ја, размислувавг за сите мајки кои немаат храброст да признаат дека згрешиле. Дури ни кога децата ќе пораснат. Се сетив и на жените кои не сакаат да ги однесат децата на психолог, затоа што „нивното дете не е лудо.“

21 век, а луѓето и понатаму претпочитаат да мижат отколку да ги признаат сопствените грешки и да побараат помош. Е тоа е лудо. Лудо е човек да одбие да се промени на подобро. Лудо е да си ги пресечеме нозете на кои стоиме. Лудо е да ги закопаме своите соништа кои некогаш сме ги сонувале и за себе и за другите. И тоа заради ништо друго освен гордост и потенцијални озборувања. Светот секогаш бил и ќе биде плодна почва за дезинформации и ширење негативности, а денес, кога сѐ е времежено, уште потешко е да се најде вистинската поддршка и вистинските луѓе почнувајќи од самите себе.

 Погрешната перцепција води кон погрешна перцепција на околината и тоа води до маѓепсан круг од кој е тешко да се излезе.

Затоа велам Храброст, со големо Х. Навистина е потребна сила и енергија за да се признае грешка која го надминува полето на грешки од типот: доцнење на работа, лошо испрана облека или непрописно паркирање. А некои дури ни тоа не би го признале.

Застанав на она кога рече дека се надева дека не е предоцна.

Дупло сум постара од нејзиниот син, а сѐ уште копнеам за извинувањето што цел живот ми кажуваа дека сум дебела. 20 години подоцна, солзи ми доаѓаат кога на филмовите гледам како татковците си ги бакнуваат своите деца пред спиење или кога децата ќе им кажат: „Тато те сакам“.

„Ми се насолзуваат очите“ е преслабо, јас се распаѓам. И си ветувам дека никому нема да го направам истот. Знам дека тоа се филмови и дека децата не заспиваат во секундата кога ќе се изгаснат светлата и дека кога ќе ти се качат на глава нормално е да си нервозен. Нормално е на ист начин како што е нормално да се скараш со колега кога имате лош ден.

Луѓе сме, не сме роботи. Затоа би било убаво кога би признавале дека грешиме, за да го поправиме она што сме го расипале, односно да го спасиме она што може да се спаси. Ние понекогаш можеме да го направиме тоа и без помош, роботите не можат.

Не е предоцна, храбра моја, верувај дека не е и ќе успееш. Прегрни го сега.

До следниот пат, знајте дека за обично преживување потребни ни се 4 прегратки дневно.

Прернувајте!

cheap nike air max 90