Дали бројот на болни и смртни случаи ќе ја промени изборната кампања?

Претпазливо и со построго почитување на мерките со маска и дистанца партиите ќе ги продолжат теренските активности од кампањата за изборите на 15 јули и покрај тоа што деновиве има голем број на заразeни и рекорден број на мртви од коронавирусот. Ниту една од нив не размислува за целосно откажување од теренската кампања и средбите со граѓаните бидејќи настаните ги одржувале на отворено и без многу народ, па шансите за ширење на заразата се многу мали.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека кампањата на коалицијата „Можеме“ е безбедна, а спроведувањето на изборите неопходно и неопасно.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие барале одложување на изборите токму поради ваквите бројки од Ковид 19, но и дека кампањата од прв момент ја водат по здравствени протоколи. Решението за подобро справување на кризата се токму изборите.

И од ДУИ велат дека нивните теренски активности се безбедни.

„Се додека се носат маски, се одржува дистанца и се одржува лична хигиена граѓаните се безбедни. Мислам дека фокусот треба да биде на инсистирање на почитување на мерките секаде каде што има собири“, вели и потпретседателот на ДУИ Бујар Османи.

Од коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива велат дека одржуваат теренски активности претпазливо и со почитување на мерките.

Уште пред договорот за датумот за изборите партиите најавија дека ќе ги прилагодат кампањите за да ја намалат опасноста од ширење на Ковид-19 и дека повеќе ќе ги користат електронските и интернет медиумите. Големите митинзи се откажани, но средбите со граѓани се секојдневни.