Дац за воспитувањето на деца: „Детето кое не ја мие ни сопствената чинија, почнува да живее како целиот свет нешто да му должи“

Познатиот македонски актер и пеач, Драган Спасов Дац сподели една интересна размисла на Фејсбук, каде вели дека детето кое не ја мие ни сопствената чинија, со тек на време почнува да живее како целиот свет нешто да му должи, објаснувајќи дека не станува збор за чинијата, туку за ставот и градењето на самостојност.

„Детето кое не ја мие ни сопствената чинија со тек на време почнува да живее како целиот свет нешто да му должи. И не — овде не станува збор за чинијата. Станува збор за став. За тоа комотно размислување кое вели: „Некој друг ќе го направи тоа наместо мене.“ Дете кое остава сè насекаде, чека мајка му да донесе, да среди, да измие…не учи самостојност, учи зависност од другите“, пишува Дац.

Како што вели, оној што никогаш не помага дома, подоцна, како возрасен човек, ќе ја обвинува државата, судбината или другите луѓе за животот што самиот не сакал да го изгради.

„Тоа е личност што вели: “Светот е неправеден“, заборавајќи дека самиот никогаш не направил ни чекор за да го направи светот подобар“, додава тој.

Карактерот не се раѓа од зборови, вели Дац, туку вели дека тој се обликува во мали, секојдневни дела: миење чинии, метење под, почитување на правила.

„Тука започнуваат благодарноста, одговорноста и почитта. Кој не научил да помага, нема да знае ниту да одржи семејство ниту да го цени она што го има. Воспитувањето одговорни деца е напорно. Но воспитувањето комотни? Тоа е рецепт за катастрофа. Ако воспитуваш — учи на соработка. А ако си тоа дете — сфати: твоите родители не се послуга. Твојот дом не е хотел. Ти си дел од семејството. А тоа значи дека и ти имаш свој дел што треба да го одработиш“, нагласи Дац.