Дац со силна велигденска порака: „Колку е потежок крстот, толку е поголемо Воскресението“

Македонскиот актер Драган Спасов Дац сподели инспиративна порака во пресрет на Велигден, потсетувајќи на личните борби што секој човек ги носи и на надежта што доаѓа по нив.

Во својата објава, Дац говори за „крстот“ како симбол на животните предизвици, истакнувајќи дека секој човек носи свој товар – некој полесен, некој потежок, но секогаш присутен.

„Секој човек си го носи својот крст. Некому му е полесен, некому потежок… ама секој си го има“, напиша тој, додавајќи дека некои луѓе тивко ја носат болката, додека кај други таа е видлива без зборови.

Актерот ја нагласува и внатрешната борба со која се соочува секој човек во моменти кога тежината станува преголема.

„И доаѓаат моменти… кога сè станува претешко. Кога ти доаѓа да се откажеш. Е таму е борбата“, стои во неговата објава.

Во духот на Велигден, пораката завршува со силен мотив за истрајност и вера, како клуч за надминување на животните предизвици.

„И кога ќе стигнеш до својата граница, само крени го погледот малку повисоко… Зашто колку е потежок крстот, толку е поголемо Воскресението“, порачува Дац.

Неговата објава беше пречекана со позитивни реакции, како потсетник дека токму во најтешките моменти се раѓа силата и надежта – вредности кои се во сржта на велигденската порака.