Да се спречи неконтролираното размножување на домашни расни кучиња

Проблемот со кучињата на улица бара сеопфатен пристап, а условите во стационарот Вардариште се несоодветни. Ова е генералниот заклучок по презентација на извештајот за состојбата во Вардариште од страна на здруженија за заштита на животните.

Тие предлагаат една од мерките за надминување на проблемот е да се спречи неконтролираното размножување на домашни кучиња бидејќи две третини од нив завршуваат на улица како скитници, а се поголем број и напаѓаат случајни минувачи.

– Она што мора да се намали и да се стави во контрола е репродукцијата на расни кучиња. Имаме преголемо производство,а премала побарувачка. Две третини од овие кучиња завршуваат на улица и понатаму се размножуваат и прават нови единки, вели Радмила Пешева од здружението “Анима мунди”, која воедно е и член на работната група која ја следеше состојбата во стационарот Вардариште.

Беше посочено дека треба да се направи и чипирање на кучињата и база на регистрирани сопственици на кучиња.

– Има многу девијантни личности кои на несоодветен начин чуваат кучиња кои во својот карактер се мешавина на разни раси кои се претерано агресивни – истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кој побара да се направи база на податоци за кучиња чувани во домашни услови, а кои по својот карактер се поагресивни.

Во извештајот е наведено дека условите во Вардариште се несоодветни и е потребно итно реновирање на стационарот. За таа цел, во буџетот за следната година се предлага да се одвојат 10 милиони денари за реновирање на овој стационар.

– Во Агенцијата за храна и ветеринарство имаат одреден буџет за чипирање на кучињата и имаат софтвер за ваква намена, но тој не е функционален – истакнаа од работната група.