Да се биде упорен, или да се остави место и за друг? Поделени мислења за чинот на повеќекратно фаќање на светиот крст за Водици

На еден од најсветите денови за православните христијани Богојавление-Водици и крштевањето на Господ Исус Христос, традиционално, и годинава, се одржа осветување на водите во Македонија и фрлање на светиот крст во нив низ градовите во државата.

Годинава забележително беше што охриѓанецот Мартин Гоџо го изнесе светиот крст од водите на Охридското езеро втора година по ред, а истото го има направено претходно и во 2022 година. 

Овој чин, на повеќекратно успешно фаќање на светиот крст од вчера навака отвори широка дебата во јавноста, пред се за тоа како треба да се третира таквиот чин и обичај.

Многумина го поздравија Мартин и му порачаа да продолжи и понатаму да ја одржува традицијата, како и на охридските варошани кои можеби се најфанатични во однос на овој обичај.

Со објаснување и реакција излегоа и од Фејсбук страницата „Православно секојдневие“, кои велат дека Богојавление не е спортски натпревар, ниту лотарија, ниту шоу-програма за публика и лајкови, а дека светиот крст не е трофеј што се „освојува“ и реагираа дека по настанот во Охрид, сметаат дека дел од јавниот простор бил исполнет со обвинувања и навреди дека „било местено“, дека „требало некој друг“ или дека „Црквата наместила исход“.

„Овие реакции не се однесуваат толку на конкретен човек, колку на начинот на кој празникот се перципира – како натпревар, а не како духовен настан. Во тие реакции речиси и да не се спомнува она што на празникот му претходи. Во православната традиција, бдението не е формалност, туку конкретна духовна подготовка: време на молитва, трезвеност и собирање на умот, доброволно оддалечување од бучавата на секојдневието за да се стои будно пред Бога. Тоа е тивка, но суштинска подготовка за празникот. Во тој контекст, и целовечерното бдение во Бигорскиот манастир, одржано ноќта пред Богојавление, сведочи за пристап во кој празникот не се доживува како настан за публика, туку како духовна состојба. Додека дел од јавноста на чинот гледа низ призма на адреналин и резултат, православното предание нуди поинаков критериум: крстот не се „фаќа“ со техника или сила, туку се прима како дар. Црквата не должи спектакл, ниту распределба на шанси. Таа сведочи вера. А верата не се толкува преку коментари и сомнежи, туку преку смирение и разбирање на смислата на празникот, објаснуваат од Православно секојдневие во објавата.

Посочуваат дека Крстот доаѓа кај оној што го бара Бога, а не кај оној што празникот го сведува на забава и му честитаа на Мартин Гоџо посакувајќи му да продолжи да се труди да го фаќа крстот, се дур не се појави некој подостоен во очите на Бога!

Од друга страна пак, имаше и негативни реакции кои што ваквите подвизи ги сметаат дека се спротивни на христијанскиот дух.

Со свој коментар излезе познатата инфлуенсерка Ина Многуфина, која вели дека фаќањето на крстот не е спортска дисциплина и дека оставањето на некој друг да се израдува на овој чин, е пред се големина и доблест кај човекот.

„Па не е фаќање крст спортска дисциплина па да се трудат едни те исти да бидат победници секоја година. Остајте нек се порадува и некој друг, тоа е големината и доблеста кај човекот. Водици е еден од најголемите и најзначајните христијански празници во Македонија и има длабока духовна, симболична и социјална поента. Не е од натпреварувачки карактер“, напиша Ина.

Со негативни реакции, особено кон варошани излегоа и многу „твитерџии“.

„Во Охрид, не знам која година по ред крстот го фаќа Варошанец. Варошани организирано скокаат и прават блок во водата на сите останати да не можат да стигнат до крстот. Многу христијански“, гласеше еден од многуте твитови кои упати критика кон овие охриѓани.

„Лакомоста е грев, а се после првото фаќање е лакомост. А попот може и на друго место да го положи крстот во вода, немора се на тие ендемските да им го тапосува“, гласеше друг твит.

Евидентно е дека поделени мислења постојат и ќе постојат, но она што можеби е најважно е дали конкретно овој празник кај верниците буди емоции и разум да бидат подобри луѓе или нешто да „зграбат“.

И на крајот доаѓаме до она вистинско прашање што секој верник кој го практикува овој обичај треба да си го постави, е дали тоа го прави со цел да биде поблиску до Бога и да ја одржи христијанската традиција или тоа го прави од други егоистични причини карактериснични за денешното модерно живеење.