Да се биде ранлив е одлика на голема храброст

Што е голема храброст? За мене, тоа е...

...силната волја на мојата мајка. Лавица и во срцето и намерите, посветена и прекрасна жена, која е како силно дрво кое не се витка пред налетите на ветрот, кое ги шири своите гранки за под нив да прими, сокрие, утеши некого... Перфекционист воден од страв, генерал е војска, претседател на домот и семејството, со брчки кои зборуваат за насмевките, солзите, успесите и падовите, желбите и соништата. Челичен тренер на мојата волја и трпение. Учител над учителите.

...љубовта на мојата синоока сестра, која тие свои остри, проникливи и продорни сини очи ги претвора  во топли, сонливи, грижливи очи секој пат кога ја гледа својата ќерка. Да се одлучиш за мајчинство, да се одвоиш од амбициите, да ги посветиш своите денови, месеци, часови и минути чекајќи, а потоа и негувајќи друго суштество, за некои е природно, за некои избор и излегување од се што дотогаш им било познато и прифатено. Исто така ме воодушеви нејзината храброст да покаже ранливост и повреденост од нелојалните колеги и за еден ден да ја смени работата и да почне од почеток во моментите кога знам дека чувствува длабок страв од враќањето на работа по една година помината дома со бебето.

...одлуката на мојата најблиска колешка да излезе од сите комфорни зони и да почне сосема нови лични приказни, свесна за ризиците, свесна за сите работи кои можат да тргнат на лошо, свесна за своите слабости  исила, свесна дека и покрај магловитоста на патот по кој тргнала, се е подобро од останување на место полно со болки, огорченост, незадоволство, разболување. И денес, големата храброст е нејзиното бебе, мало снажно момче кое сега спие во креветчето додека го гледаме и се сеќаваме низ што се сме поминале и какви се предизвици сме надминале заедно.

...победата на сите храбри жени против сите лоши здравствени прогнози, затоа што имаат толку многу работи да кажат, толку многу кафиња да испијат, толку многу изненадувања за своите најблиски, толку средби кои ги очекуваат, а кои не се случиле, али за кои нивните души веќе знаат – им шепотат, чувствуваат и исчекуваат. Сите лавици во срцето кои ги губат лисјата под налетите на ветрот, но кои сфатиле дека моќта на обновувањето е силна и само нивна... и покрај се.

Сите овие прекрасни жени околу мене, кои ги познавам и кои не сум ги запознала, но со кои се чувствуваме и препознаваме, ја откриле својата најголема храброст токму во моментот кога ја препознале и својата најголема ранливост.

Она што го знаеме е важно, но она што сме е уште поважно. Да се биде, наместо да се знае, бара од нас да се отвориме пред другите и да им дозволиме да не видат онакви какви што се. Тоа бара од нас да бидеме храбри и ранливи во голема мера.