„Да се биде или не...мајка на повозрасни години“ - Македонците со бурни реакции

Македонската јавност вчера се подели за случајот со повозрасната родилка која на свет донесе здраво машко бебе. 

Познатата инфлуенсерка Ина Многуфина со фејсбук статус „им ги затна устите“ на оние со не толку убави коментари за 61-годишната родилка на ГАК, која за прв пат стана мајка.  

Коментари и свои мислења споделија голем број граѓани. Повеќето од нив ги осудија оние кои со скептицизам гледаат на овој убав животен настан.

Еве дел од коментарите на социјалните мрежи: 

- Да е жив и здрав Петар, детето на 61-годишната родилка. Господ здравје да му дава, а на родителите долг живот и голема радост! Ја разбирам и медицинската фела која со восклик соопшти дека една тридецениска голгота на херојот мајка успеале заеднички да ја претворат во среќна приказна! Но, некои дилеми цело време ми се мотаат во глава од биолошки, човечки и етички аспект… Дај Боже 100 години минимум да живеат родителите. Дај Боже! Но, не постојат ли анализи на сите аспекти кога ќе се прават вакви обиди, кои за научникот се предизвик, за потенцијалниот родител императив, но за посакуваното дете… за жал, може да се товар за 15-20 години? Или и порано, не од фаталистички причини, туку емоционални? Психолошки? Не се сомневам дека ќе е најљубеното дете на свет. Посакувам долго, долго да живее крај љубовта на своите родители. И да го има најпрекрасното безгрижно детство, адолесценција и се по ред… Дилемите остануваат, заедно со желбите. Добредојде на светов, Петар златен, напиша водителот и инфлуенсер Богдан Илиевски

- Во Македонија просечен животен век на жените е речиси 79 години, додека во земјите од ЕУ е до 85. Ако медицината напредува, а човековиот век се продолжува, апсолутно се легитимни поместувањата на границите, било дали се работи за одење во пензија или за остварување на родителско право. Денеска имаме жена херој, која после сериозни и тешки маки со децении, успева да стане мајка за прв пат на 61 година, процес што можеме само да замислиме каква неверојатна посветеност, истрајност, сила и пред сѐ - љубов барал, но и процес што се водел преку еден саглам третман низ македонското јавно здравство. Денеска е ден за големо браво. И за мајката и за Македонија. На мајката ѝ честитам и ѝ посакувам да си дочека внуци, па и правнуци А вие додека филозофирате дали требала да раѓа или не, барем користете ги истите аршини што ги имате за Ричард Гир, да речеме, кој стана татко на 69, сподели во својот став новинарката Катарина Синадиновска

-  Ние мажите сме генерално тупи створења што не е оправдување за глупи/гадни коментари но особена патологија ми се секогаш коментари од жени за жени па уште и мајки кои поминале низ феноменот на раѓање и родителство. Истово со 61 годишната родилка им се прави и на тие на 35, и на тие со царски породени, на тие со ин витро, само се чека со ножот... Жена на жена, волк, порача доктор Ненад Лазаров.