Во животот не сме секогаш силни, трпеливи или мудри.

Photo by Nathan Cowley
Човечкото суштество во себе ја носи и светлината и сенките. Понекогаш правиме грешки, велиме нешто што не го мислиме или избираме пат што подоцна ќе го жалиме. Но токму во тие грешки се кријат најважните лекции. Бидејќи да се биде човек не значи да се биде безгрешен, туку да се биде искрен со себе низ сите падови и подеми.
Има денови кога вината ни тежи, кога изборите што сме ги направиле не биле најздрави, кога премногу споделуваме, па потоа се повлекуваме, често чувствувајќи се засрамени од сопствената ранливост. Таквите денови не нè прават помалку вредни. Напротив, тие ни покажуваат колку сме чувствителни, колку ни е важно сето она што го носиме во себе. Во таа отвореност има нешто исклучително храбро.
Многумина од нас понекогаш посакуваат да можат да избришат делови од својата приказна. Но токму тие делови, колку и да болат, ја градат нашата длабочина. Секој срам, секој момент на слабост, секоја неизречена мисла се дел од сложувалката наречена човечко битие. А во таа сложувалка има простор за самопростување. Простор да си кажеме: „Не сум совршен/а, но учам. Растам. Сè уште се обидувам.“
Да се биде човек значи и да се сака себеси, дури и кога не сме најдобрата верзија од себе. Да си дадеш шанса за промена, но и за разбирање. Во место на осуда, да понудиш трпение. Наместо внатрешна борба, да создадеш простор за грижа. Ова не е знак на слабост, туку знак на зрелост — да можеш да се погледнеш со нежност, иако не секогаш си постапил/а совршено. Со возраста, можеби не стануваме „подобри“, но стануваме посвесни. Почнуваме да ги гледаме своите несовршености не како мани, туку како белези на автентичен живот. Не мора секогаш да имаме одговори. Доволно е да имаме срце што уште сака, душа што уште бара смисла, и волја да продолжиме понатаму, дури и кога не знаеме каде води патот.
Затоа, кога следен пат ќе почувствуваме срам или вина, нека нè потсети ова: има простор за простување. Има простор за раст. Има место за сите делови од нас – и силните, и кревките. Бидејќи секоја наша страна заслужува љубов. И затоа постои простор за да бидеме – луѓе. Токму такви какви што сме.