Да не се шпекулира дека смртта на родилката е поврзана со породувањето, велат од Здравство

Од Министерството за здравство апелираат да не се шпекулира дека смртта е поврзана со породувањето, со оглед на тоа што таа била донесена во Клиничкиот центар пет дена по породувањето.

Триесет и едногодишна родилка од Гевгелија вчера почина на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување. Од Министерството за здравство апелираат да не се шпекулира дека смртта е поврзана со породувањето, со оглед на тоа што таа била донесена во Клиничкиот центар пет дена по породувањето. Од таму велат дека е потребно да се почека обдукцискиот наод за да се утврдат точните причини за смртта.

„Министерството за здравство е запознаено со случајот на 31-годишната родилка која била донесена од Општа болница Гевгелија петтиот ден по породување поради епилептични напади од непознато потекло во Клинички Центар Скопје“, се вели во соопштението.

Од КАРИЛ информираат дека родилката била примена во исклучително тешка состојба и дека било постапено согласно сите протоколи.

„Направени се сите иследувања, но по две недели во кома починала и телото е предадено на обдукција“, велат од КАРИЛ.

Од МЗ велат дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат постапува во рамки на своите надлежности и дека се врши вонреден инспекциски надзор во болницата во Гевгелија и кај матичниот гинеколог на починатата родилка.