Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев се огласи по повод вчерашното убиство кај „Мавровка“ во Скопје.
- Во врска со денешниот настан на убиство што се случи во главниот град, сакам да ги известам граѓаните дека полицијата реагираше веднаш со сите расположливи ресурси, вклучувајќи ги комбинирани полициски и истражни методи. Итно беа активирани и преземени сите мерки, со цел да се обезбеди безбедноста на граѓаните. Нашата цел е да не дозволиме градот и државата да се претворат во полигон на пресметки на криминални групи, сподели тој на својот фејсбук профил.
- Законот и редот се и ќе бидат над криминално-мафијашките структури. Криминалот нема етничка или партиска припадност, а нашиот одговор е и ќе биде жесток и без компромис. Сите граѓани треба да се чувствуваат безбедно, а ние ќе продолжиме да работиме со најголема одговорност и ангажираност за да се оствари тоа, порача Јанев и упати апел.
- Ве молиме да бидете внимателни и да соработувате со полицијата. Вашата безбедност е наш приоритет и нема да се задоволиме додека не го вратиме спокојот и сигурноста во нашиот град. Македонија е над се и држава за сите нас, во која сите ние и нашите деца треба да живееме и да се чувствуваме безбедно.