Да Џака Накот вечерва го промовира својот последен студиски албум

Артистот Владимир Џокиќ, уште познат како Да Џака Накот, вечерва во Младинскиот културен центар, ќе го промовира својот последен студиски албум.

Промоцијата е закажана за 20 часот. 

По 21 година творештво како соло-артист и со повеќе од 11 изданија, Џака Накот ја завршува својата приказна. „Live On, No Evil“ е насловот на последниот албум, кој содржи 22 песни +2 бонус траки, концептуално замислен како збир на палиндроми со времетраење од 1 час, 16 минути и 11 секунди.

Музиката, текстовите и продукцијата се на Владимир Џокиќ, а како гости продуценти се појавуваат Брус од Foolish Green/Legijata, Баже Д.С.Ц и Даре ДТ од Соулментал/Зад аголот, drill продуцентот Dj Ice од Босна, и Fundament од Канада.

Вокален контрибут на албумот даваат Кискинов од Дивизија, LD Pistolero & Alfa од Легијата, младиот скопски рап-артист Maximus Vandal, легендата на српскиот рап, Бвана Из Лагуне, Dshabba од Франција, како и Духот од ДОМ.

Како наратори на албумот се појавуваат легендарниот американски психонаут и книжевник Terance McKenna (R.I.P), актерот Robin Williams (R.I.P), Viktor Vaughn aka MF DOOM (R.I.P) од Англија, како и најекцентричниот рапер на денешницата, Kanye West.

Албумот е снимен во Dobre Ucho studios@Wrocław, Полска, од страна на продуцентското дуо Voskovy, а мастерингот е направен во Schwarztone@Heppenheim, Германија од страна на продуцентот Tobias Schwarz.

Од Младинскиот културен центар информираат дека промоцијата на албумот ќе биде од отворен карактер, со преслушување на албумот и можност за купување на истиот на лице место. Тиражот е ограничен на 666 дискови и нема да може да се набави на ниедно друго место.