Да, драги родители, вие сте одговорни!

Драги родители, одговорни сте кога вашето дете малтретира друго дете.
Одговорни сте кога пред ваши очи детето корне цвеќиња и крши гранки, а вие не реагирате.
Одговорни сте и кога фрлаат петарди, а животните околу нив преживуваат терор.
Знаете ли дека сте одговорни за тоа кога вашето дете го малтретираат – да препознаете промени во однесувањето.
Должни сте, драги родители, да му читате книги на детето, за да стекне навика.
Должни сте и да му одговорите на милион прашања кои ви ги поставува, прашања на кои и вие самите немате одговор.
Должни сте. 

Драги родители, виновни сте. Виновни сте само вие што детето ви сурфа на интернет без надзор. Виновни сте што гледа турски серии и реални шоуа со вас. Виновни сте што не ја пишува домашната задача. И тоа што не ги почитува постарите, за тоа сте особено виновни. Виновни сте за речникот кој го користи. И за вандализмот сте виновни и за секој вид уништување од нивна страна.

Засрамете се што немате време да си играте и да зборувате со вашите деца. Тоа би решило голем дел од проблемите. Засрамете се што вашето дете фрла ѓубре насекаде. Засрамете се за секоја ситуација во која вашето дете наштетило на некој друг.

Зошто?

Тоа дете гледа насилство и учи лоши шаблони на однесување од тие турски серии и реални шоуа. Тоа дете утре ќе ве опцуе затоа што така чуло некаде. Ќе се прашате каде? На тоа дете вие лично му дозволувате да фрла петарди од тераса. Дали знаете дека не е убаво тоа што децата на полноќ играат кошарка додека соседите се обидуваат да спијат? И за тоа сте одговорни и виновни. И треба да се засрамите.

Научете ги вашите деца на вистинските вредности, учете ги да знаат вистински и искрени работи, не ги трујте со таблети и телефони. Таблет и телефон се како цуцла на 21 век. Немојте, драги родители, ве молам, да ви е тешко да излезете и да го прошетате детето само затоа што некој на работа ве изнервирал. Немојте во погрешно време да сфатите дека сте виновни. И дека сте одговорни. Научете ги дека не е срамота тоа што другарчето од одделение и оваа година има стар ранец за на училиште. Кажете им дека не е срамота да го поделат чоколадото со некого. Затоа што ако ги учите на спротивното – тогаш треба да ви биде срам. 

Заедно живејте, сакајте, смејте се, учете, шетајте, пејте, танцувајте. Играјте и кошарка, но во пристојно време. Не учете ги да бидат неодговорни. Неодговорноста е наследна. Негрижливоста е наследна. Вината и однесувањето исто. Како вие кон нив, така тие утре ќе се однесуваат кон вас, вашите родители, бездомници, пријатели, партнери, колеги, браќа и сестри, кон своите деца. А тогаш ќе биде предоцна за да направите нешто. 

Препознајте го малтретирањето уште од самиот почеток. Спречете да гледаат секакви видеа на Јутуб што ги поттикнуваат да висат од прозор. Обрнете внимание на единиците во дневникот, охрабрете ги да ги поправам оцените, помогнете им во тоа, не им се дерете. 

Ве молам драги родители... ве молам, само бидете родители. Светот така ќе биде многу поубав.