Да бидеш љубезен, мил и добар човек: Дали можеме да го наметнеме ова како нов тренд?

 

Знаете ли колку луѓе денес вложуваат пари и енергија за да им се допаднат на другите? Само за да бидат згодни или убави според нечии туѓи стандарди. Знаете ли колку празни души има под тие фасади? Прескапи патики, пудра од 100 евра и останатите лаги кои прескапо ќе ги платиш мислејќи дека така ќе бидеш кул.

Замисли да вложиш половина од таа енергија за да бидеш добра личност. Љубезна. Скромна. Реална и паметна. Да прочиташ и научиш нешто.

Пред некој ден, случајно налетав на едно видео на Јутуб во кое млади тинејџери, популарни на оваа платформа, како се фалат и зборат за тоа колку чини нивната гардероба. Дали сте знаеле дека постојат памучни маици од некој бренд кои чинат повеќе од 300 евра? Патики од 700 евра? А дали знаете дека овие деца се идоли на илјадници деца ширум Балканот?

Има девојки кои уште немаат 20 години, а веќе имаат вештачка уста и рекламираат разно-разни козметички салони кои би требало да ти помогнат да бидеш убав. Не ме разбирајте погрешно, важно е да бидеш уреден, чист и среден, но каков ли е тој козметички тремтман кој му е потребен на едно 17 годишно девојче? Какви се тие вештачки нокти кои потсетуваат на канџи?

Што се случи со тие идеали за убавина и кој воопшто ги наметнува?

Познавам еден куп прекрасни луѓе кои по овие мерила не се убави, а се најубави. Немаат нацртани веѓи, напумпани усти, испеглани коси. Немаат онакви „грди патики“ кои оваа година изгледа дека се насекаде. Но, имаат харизма која не можеш да ја купиш со ниту едни пари, ниту да ја сокриеш со некаков тренд.

Јас нема ништо против трендови, но имам против тие императиви кои им се наметнуваат на деца кои сѐ уште не можат да разликуваат што е добро, паметно и убаво. Што е императив? Императивот е секогаш над она површното што сѐ купува во продавница.

Зошто не ги учиме децата дека е кул да читаш? Да мислиш. Да бидеш добар математичар. Физичар. Да готвиш. Тоа е она од коешто имаш поволности, а нема да ги добиеш од напумпана уста и канџи наместо нокти. Патиките од 300 евра нема да ти дадат гаранција дека ќе имаш пријатели кои те сакаат. Ниту пак таа прескапа торба.

Животот е многу покомплексен од работите наредени на излог. И вие сте многу покомплексни личности зад вашите фасади. Пред пар години, во мода беше да се биде слаб, па после на ред дојдоа силиконите, па потоа повторно посакавме природно, ама не премногу, па потоа Ким Кардашијан ја „патентираше“ несразмерноста на задникот со останатите делови од телото. И океј е тоа. Секогаш ќе има некакви трендови поради кои луѓето не се она што се. И кому е грижа за тоа? Нека бидат што сакаат. Но, немој да мислиш дека ти мораш или можеш да бидеш она што се тие.

Јас никогаш не сум мислела дека сум убава или грда. И тотално сум океј со тоа. Не се замарам премногу околу физичкиот дел. Има денови кога си се допаѓам сама на себе, а ги има и оние другите денови. И тоа е океј. Мене ми е најважно да имам што е можно повеќе денови со мир во душата. Во кои ништо не ме тишти и ништо не ме гребе. Денови во кои никој не комплицира едноставни работи. Постојат денови кога ќе купам поскапи патики. Но, тие се за мене само патики. Нешто што го облекувам затоа што ми се допаѓа и затоа што ми се удобни.

Но, не постојат денови во кои тие патики можат да го диктираат моето расположение. Нема денови кога тие патики би можеле да ме гушнат, да ме насмеат. Да беше така, рецептот за среќа ќе беше многу едноставен.

Немам ништо против естетска хирургија, мода, шминки, скапи работи – сѐ додека тоа го правиш за себе, а не затоа што тоа е во мода. Додека го правиш тоа затоа што така ти е мерак.

Не постои универзален идеал за убавина. Не мораме сите да бидеме слаби русокоси. Не мораме сите да имаме големи гради или затегнати нозе. Не мораме да сакаме штикли, ниту пак скапи автомобили. Не мораме да имаме совршено обликувани лица. И повторно ќе бидеме убави.

Би било добро кога би биле најубави верзии од себе, ама одвнатре, затоа што тоа е универзално .Да бидеш љубезен, мил и добар човек. Можеме ли да го наметнеме тоа како тренд?