Д-р Петличковски: Сега е вистинско време за масовно тестирање, тие кои го прележале се заштитени со години

Резултатите во сите земји каде е правен овој масовен скрининг, покажуваат дека помалку од 5 отсто од населението е имунизирано, што значи дека сме далеку од постигнувањето на колективен имунитет на кој се надевавме.

И обичен грип некој ќе го помине без симптоми, некој тешко ќе се разболи, а некој нема да го преживее. Тоа е поради генетските варијации помеѓу луѓето и нивната различна способност помалку или повеќе ефикасно да се справуваат со различни патогени. Не значи дека некој има екстра силен имун систем ако лесно поминал грип, но некоја следна инфекција со друг вообичаен патоген може да биде многу сериозна. Посебно, кај ковид-19 јасно се дефинирани неколку значајни ризик фактори поврзани со потежок тек на болеста, вели во интервју за Плусинфо, проф. д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија во Скопје.

Тој додава дека ризик факторите се напредната возраст, дебелина, висок крвен притисок, дијабетес (особено лошо контролиран), астма и други хронични болести, а објаснува и имаат ли отпорност кон заразување со вирусот корона и оние коишто беа заразени, дали веќе кај нив се зголемени антителата, како делуваат лековите кај пациентите кои се на апарати за дишење, како да го зголемиме имунитетот и друго.

Д-р Александар, по повеќе од три месеци од епидемијата на ковид-19 кај нас, каков ни е имунитетот на овој нов вирус? Дали може мирно да спијат оние коишто го прележаа? Дури и оние што не пројавија симптоми на болеста?

– Вирусот кој го запре светот припаѓа на позната фамилија коронавируси, но кај SARS-CoV-2 има некои нови карактеристики кои влијаат на неговата форма, заразност, способност да инфицира различни ткива итн. Иако ковид-19 е тековен предизвик и нема многу конкретни податоци, многу е веројатно дека имуниот систем кај луѓе кои биле изложени на вирусот обезбедува заштита од повторна инфекција со овој вирус со месеци, па дури и со години, без разлика на клиничката слика која ја имале.

Дали е веќе време на оние кои заболеа меѓу првите од коронавирусот да им се зголемат ИгГ и ИгМ антителата во крвта?

– Антитела специфични за вирусот нормално почнуваат да се создаваат неколку дена по средбата со него, но во поголема количина, која може да се измери во крвта ги има по 7 дена (за ИгМ антителата), односно по 14 дена (за ИгГ антителата). Додека ИгМ антителата живеат пократко, денови до недели, ИгГ антителата може да се детектираат по месеци, па и години по прележување на болеста.

Со кои нови сознанија сега располагаат имунолозите, а коишто би им помогнале на инфектолозите, на епидемиолозите, на анестезиолозите за поуспешно лекување на болните, но и да послужат за делење совети на здравите граѓани за да не се заразат со вирусот?

– Околу превенцијата повторно нема некои специјални препарати или постапки за кои е потврдено дека го намалуваат ризикот за разболување. Најважна останува социјалната дистанца, честото и темелно миење на рацете, избегнувањето затворени простории и гужви. Свежото овошје и зеленчук се секогаш добри за засилување на имунитетот, но не треба да очекуваме премногу од лимоните или додатоците од витамини и минерали. Што се однесува до терапијата, постојат неколку пристапи кои вклучуваат антивирусни препарати (ремдесивир), антималарици (хлороквин) антитромботична терапија и инхибитори на интерлеукин – 6 (тоцилизумаб). Кај нас се достапни сите лекови, а за различни пациенти и во различни фази од болеста се употребуваат оние лекови кои се најкорисни според дефинирани индикации.

Како може лек што го намалува имунитетот да помага во лекување против овој смртоносен вирус Досега двајца пациенти кои беа на респиратор во ГОБ „8 Септември“ успеаја да се симнат од машината. Инфектолозите и со Вас се консултирале околу примената на лекот „тоцилизумаб“ за којшто велат дека бил пресуден за подобрување на состојбата. Како имуносупресив, значи лек што го намалува имунитетот, а тоа се антитела против интерлеукин 6 рецептор, помага во лекување против овој смртоносен вирус?

– Eдна важна специфичност на инфекцијата со SARS-CoV-2 е претераниот имунолошки одговор кој се забележува кај некои од заболените. Нормално, во услови на инфекција, имуниот систем организира воспалителна реакција која има за цел мобилизирање и засилување на активноста на многу различни имунокомпетентни клетки, лимфоцити, макрофаги, неутрофили. Основни медијатори кои го поттикнуваат воспалението се мали, но многу потентни сигнални молекули, наречени цитокини. Кај дел од пациентите со тежок тек на болеста, се забележува т.н. „цитокинска бура“ или неконтролирано воспаление условено со перзистирачка висока концентрација на т.н. про-воспалителни цитокини, Интерлеукин-1, Интерлеукин-6 и Тумор-некротизирачки фактор алфа. Логично, ако рано, пред да се случат тешки оштетувања на ткивата, се открие висока концентрација на воспалителните цитокини, со нивно блокирање може да се ублажи текот на болеста. Оваа анализа рутински се работи на Институтот кај сите пациенти сомнителни за цитокинска бура, а потоа таму каде што е индицирано се користи лекот „тоцилизумаб“ со цел да се намали несаканиот имун одговор, т.е. воспалението. Во моментов се истражуваат и други имуносупресивни протоколи за овие тешки пациенти.

Д-р Петличковски, дали доаѓаат граѓани на Институтот за имунологија за да ги проверат антителата на ковид-19?

– Да, доаѓаат. Најзаинтересирани за тестирање се колеги лекари кои биле изложени на пациенти сомнителни за ковид, но има и доста кои имале симптоми слични на ковид, па се надеваат и сакаат да потврдат дека го прележале вирусот. Има и заинтересирани и загрижени граѓани, некои од нив правеле повеќе тестови, а резултатите не им се совпаѓаат, па сакаат дефинитвно да се осигурат за својот имунизациски статус.

Кога ќе препорачате дека е добро да се прават овие анализи во крвта – ИгГ и ИгМ кај населението – за скрининг или друго, а кои покажуваат дали моментно сме заразени со вирусот и (или) дали веќе сме го прележале?

– Сега е вистинско време за помасовно тестирање, почнувајќи со одредени целни групи, во прв ред здравствени работници, персонал во старечки домови, градинки, па работни колективи, со цел евентуално да се откријат оние кои ја прележале болеста за да може да се планира нивно враќање на нормалните работни обврски без притисок дека можат да бидат изложени на ризик од заболување. Многу развиени земји, но и земји од соседството, како на пример Италија, Германија, Данска, Словенија, прават и серолошки скрининг на случајни испитаници со цел да добијат реални податоци за раширеноста на ковид низ генералната популација. Резултатите во сите земји каде е правен овој масовен скрининг, покажуваат дека помалку од 5 отсто од населението е имунизирано, што значи дека сме далеку од постигнувањето на колективен имунитет на кој се надевавме.

Како Вие како имунолог го зголемувате имунитетот против овој вирус?

– Како и пред епидемијата, се обидувам здраво да се хранам (иако правам и излети со разни десерти), редовно јадам овошја и зеленчуци, физички сум активен, форсирам пиење вода и доволно се одмарам. Не верувам многу во хемија, единствено различно во овие неколку месеци е што од време на време земам таблетки цинк и витамини А и Д.

Извор: Плусинфо