Д-р Петличковски: Разумно, логично и правилно е да се засили имунитетот на луѓето кои примиле од кинеските вакцини

На Институтот за имунологија во соработка со Инфективната Клиника од пред 10 дена започната е сеопфатна студија која ги опфаќа сите хоспитализирани пациенти за да се утврди степенот за заштита со вакцините, информираше проф. д-р  Александар Петличковски од Институтот за имунологија во вчерашното гостување на Тв Телма. 

-Од бројките кои ги добиваме од болниците е јасно дека вакцинираните со кинеските вакцини имаат малку послаб имунитет, разумно логично и правилно е да се засили нив имунитет со Фајзер. Тоа не значи никаков аларм за тие што се вакцинирани со Синофарм или Синовак дека не се заштитени, вели тој. 

Тој ја објасни оправданоста на одлуката за давање на трета доза од вакцината на Фајзер, кај граѓаните имунизирани со кинеските вакцини Синовак и Синофарм, објаснувајќи дека кај дел од нив опаѓал имунитетот.

Сепак според него тоа не значи дека и кинеските вакцини, како и останатите, не штитат од тешка форма на болест и смрт. 

Според него, главен проблем и натаму останува фактот дека голем дел од населението одбива да се вакцинира против Ковид-19.