Д-р Пановски: Да беше омикрон смртоносен како делта, на овие заразени ќе имавме и до 70 смртни случаи дневно

Според проценките на микробиологот проф. д-р Никола Пановски, колку повеќе новозаразени има, толку поголем ќе биде и бројот на хоспитализации, а со тоа и бројот на починати лица.

– Не се знае точната причина зошто со денови на дневно ниво имаме околу 20 смртни случаи, кои настанале како последица од ковид-19. Треба да се направат детални анализи, поединечно за секој смртен случај, како на пример, кои болести ги имале лицата, кои вакцини ги примиле, како и дали биле целосно вакцинирани, вели Пановски за Нова Македонија

Пановски вели дека кога во септември минатата година имало по 2.400 заразени на ден, имало и до 50 смртни случаи дневно.

– Омикронот да беше смртоносен како делта-сојот, на овој број на заразени ќе имавме и до 70 смртни случаи на ден. Омикронот ја намалува смртноста процентуално, но сепак имаме бројка на смртни случаи на дневни ниво која не е мала, посочува тој. 

Професорот посочува и дека првично треба да се утврди колкумина од починатите биле заразени со делта, а колку со омикрон.

– Потоа, треба да се анализира дали и зошто голем дел од починатите биле хоспитализирани. Иако болниците не се полни, далеку сме од максимумот на исполнување на болничките капацитети, сепак, како што расте бројот на хоспитализирани, така расте и бројот на починати. Немаме детални информации за детална анализа. Разговараме на база на претпоставка, објаснува тој.