
Со стареењето на населението во Македонија, грижата за повозрасните лица и пациентите на кои им е потребна палијативна нега станува еден од најголемите предизвици за здравствениот систем. Потребата од современи услуги, стручен кадар и достоинствена грижа е сè поизразена, а улогата на специјализираните здравствени установи добива особено значење.
За состојбите во геријатриската и палијативната медицина, предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници, капацитетите на установата, идните планови и потребата од унапредување на системот за грижа за старите лица, разговараме со прим. д-р Ленче Нелоска, директорка на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
Каква е моменталната состојба во геријатрија и кои се најголеми предизвици со кои се соочувате како директорка во услови кога населението во Македонија сѐ повеќе старее?
Моменталната состојба во нашата установа, ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември - Скопје“ е предизвикувачка. Секојдневно згрижуваме голем број на пациенти, но капацитетите се недоволни и постојано има листи на чекање.
Македонија располага со околу 127 кревети на 100.000 жители над 65 години, што е подобро од некои соседни земји, но сепак не ги задоволува растечките потреби на стареењето население.
Најголемите предизвици се:
- Недостаток на простор и ресурси – потребни се нови објекти и проширување на постојните капацитети.
- Зголемен број на пациенти со хронични заболувања – тие бараат долготрајна и специјализирана грижа.
- Недоволна свест за разликата меѓу геријатрија, старски домови и палијативна грижа – често се мешаат овие поими, што создава конфузија кај јавноста.
- Недостиг на национална стратегија – потребен е системски пристап за геријатриска и палијативна медицина.
Како решение, веќе е најавена изградба на Центар за хронични рани и гангрени со 100 кревети, операциона сала и оддел за интензивна и пост интензивна нега. Овој проект ќе помогне да се ослободат хируршките одделенија низ државата од затворање на сали заради оперирање на гангрени и да се обезбеди специјализиран третман за пациентите со гангрена.
Нашата цел е да обезбедиме достоинствена грижа за постарите лица и лицата кои се во палијативна фаза на малигна болест, со современи услови и професионален пристап.

Колку корисници моментално се сместени и кои се најчестите здравствени потреби поради кои граѓаните бараат сместување и лекување во болницата?
Во моментот во нашата установа се згрижени околу 408 пациенти. Секогаш имаме листа на чекање, бидејќи капацитетите не се доволни за растечките потреби на населението. Најчестите здравствени потреби поради кои граѓаните бараат сместување и лекување кај нас се:
- Хронични заболувања – како дијабетес, срцеви и белодробни болести, кои бараат долготрајна грижа.
- Невролошки состојби – деменција, Алцхајмерова болест и други когнитивни нарушувања кои бараат постојан надзор.
- Палијативна грижа – за пациенти во напредна фаза на хронична или малигна болест, каде е потребна континуирана медицинска и психосоцијална поддршка.
- Хронични рани и гангрени – состојби кои бараат специјализиран третман и посебни услови за нега.
Нашата цел е да обезбедиме достоинствена и професионална грижа за секој пациент, со современи услови и мултидисциплинарен пристап. Стареењето на населението е реалност која бара системски решенија, а ние сме посветени да одговориме на тие предизвици.

Граѓаните често реагираат на долгите листи на чекање за прием на возрасни и изнемоштени лица. Постојните капацитети се недоволни. Што е потребно во овој случај за да се одговори на растечките потреби?
Во моментов капацитетите не се доволни за да ги задоволат потребите на населението кое забрзано старее. Иако згрижуваме околу 408 пациенти, секогаш постојат листи на чекање, но сепак недоволно за реалните потреби.
За да се одговори на растечките потреби, потребни се:
- Проширување на капацитетите со нови објекти и модернизација на постојните.
- Категоризација на пациентите на кои им е потребна долготрајна грижа
- Национална стратегија за геријатриска и палијативна медицина, која ќе овозможи системски пристап кон стареењето на населението.
- Вклучување на здравство, социјала, локална самоуправа и образование во градење на сеопфатен систем за долготрајна грижа
- Специјализирани центри – како најавениот Центар за хронични рани и гангрени со 100 кревети, операциона сала и оддели за интензивна нега, кој ќе помогне да се растоварат хируршките одделенија низ државата.
- Поголема свест и едукација кај јавноста за разликата меѓу геријатрија, старски домови и палијативна грижа. Нашата визија е да обезбедиме достоинствена и современа грижа за секој пациент, со мултидисциплинарен пристап и услови кои одговараат на специфичните потреби на постарите лица.
ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември - Скопје“ е специјализирана установа за геријатриска и палијативна медицина.

Со какви медицински и психолошки предизвици најчесто се соочуваат вашите пациенти и колку е важна психолошката поддршка во процесот на лекување и згрижување?
Нашите пациенти најчесто се соочуваат со хронични заболувања – дијабетес, срцеви и белодробни болести, фрактури, кои бараат долготрајна и континуирана грижа. Голем дел од нив имаат и невролошки состојби, како деменција и Алцхајмерова болест, што бара постојан надзор и специјализиран пристап.
Покрај медицинските предизвици, многу значајни се и психолошките проблеми: чувство на изолација, губење на самостојноста, страв од болест или смрт, како и потребата од емотивна поддршка. Затоа, психолошката поддршка е клучен дел од процесот на лекување и згрижување. Таа им помага на пациентите да ја задржат мотивацијата, да се справат со стресот и да ја прифатат својата состојба со поголема смиреност.
Во нашата установа работиме со мултидисциплинарен тим – лекари, медицински сестри, физиотерапевти, психолози и социјални работници – за да обезбедиме целосна грижа која ги опфаќа и телесните и психолошките потреби на пациентите.
Недостигот од медицински кадар е предизвик во целиот здравствен систем. Каква е состојбата кај вас? Дали ви недостигаат лекари, медицински сестри, негователи и друг стручен кадар и како тоа влијае врз работата на установата?
Недостигот од медицински кадар е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме. Во нашата установа постојано има потреба од лекари специјалисти, медицински сестри, физиотерапевти и негователи, бидејќи бројот на пациенти е голем, а нивните здравствени состојби се комплексни и бараат континуирана грижа.
Недостатокот на кадар се одразува на секојдневната работа – медицинскиот персонал е преоптоварен, а тоа може да влијае врз динамиката на лекувањето и врз можноста да се одговори навремено на сите потреби. Сепак, благодарение на посветеноста на тимот, успеваме да обезбедиме квалитетна услуга, но јасно е дека за иднината е потребно системско решение.
Потребно е: зголемување на бројот на медицински сестри, физиотерапевти и негователи, бидејќи тие се основата на секојдневната грижа, поддршка за специјализација во геријатрија и палијативна медицина, за да се создаде стручен кадар кој ќе одговори на специфичните потреби на постарите лица, институционална стратегија за кадровска политика, која ќе обезбеди континуитет и стабилност во работата, подржана од здравствените власти.
Нашата визија е да создадеме услови каде секој пациент ќе добие не само медицинска, туку и психосоцијална поддршка, а тоа е возможно само со доволен и добро обучен кадар.

По сите години работа со највозрасните пациенти, што Ве научија тие за животот, достоинството и човечноста? И каква е Вашата визија за развојот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатиска и палијативна медицина 13 Ноември - Скопје во наредните години?
Работата со највозрасните пациенти ме научи дека достоинството е најважниот дел од човечкиот живот, особено во неговата завршна фаза. Тие секојдневно ни покажуваат дека човечноста се мери во мали гестови – внимание, топол збор, емпатија и почит кон нивната личност. Староста носи многу предизвици, но и мудрост која нè потсетува дека секој човек заслужува да биде третиран со почит и грижа.
Мојата визија за развојот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатиска и палијативна медицина 13 Ноември-Скопје е да ја претвориме во модерна болница за геријатриска и палијативна медицина, кој ќе обезбедува не само медицинска, туку и психосоцијална поддршка. Тоа подразбира: проширување на капацитетите со нови објекти и современа инфраструктура, создавање специјализирани центри, како најавениот Центар за хронични рани и гангрени, кој ќе обезбеди услови за специфични пациенти, зголемување на бројот на мултидисциплинарни тимови – лекари, медицински сестри, психолози и социјални работници кои заедно ќе обезбедат целосна грижа, зајакната едукација и поддршка на семејствата на пациентите, бидејќи нивната улога е клучна во процесот на згрижување.
Верувам дека иднината на геријатријата во Македонија мора да биде насочена кон достоинствено стареење, со системски пристап и национална стратегија која ќе обезбеди стабилност и квалитетна грижа за секој наш сограѓанин.