Д-р Лазарова: Секоја жена неопходно е да ги следи препораките за редовни прегледи и да врши редовен преглед на дојките

Ана Лазарова е доктор по медицина,  специјалист радиолог, доктор на медицински науки , избрана во наставно научно звање – доцент. Веќе осум години работи како специјалист радиолог на одделот по радиодијагностика во УК по Хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во своето осум годишно работно искуство како специјалист радиолог работејќи на различни дијагностички модалитети таа е посветена не само во својата специјалност туку и во наставно научната работа.

Освен работата како доктор – специјалист, Ана била дел од тимот на Медицинскиот факултет во Скопје како асистент - докторант на катедра по радиологија при Институтот по радилогија. По завршување на докторските студии и одбрана на докторската дисертација во моментот го носи називот доктор по медицински науки - клиничка медицина, автор е голем број трудови објавени во домашни научни списанија со меѓународен уредувачки одбор , како и интернационални списанија со импакт фактор. Во наставно научно звање е  доцент  на Меѓународниот балкански универзитет- Скопје.

Октомври е национален месец за свесност за рак на дојка, кога јавните организации, медицинските професионалци, владините агенции и невладините организации работат на промовирање на свеста за оваа болест. Токму на оваа тема во денешното интервју разговараме со Д-р Ана Лазарова - специјалист радиолог на одделот по радиодијагностика во УК по Хируршки болести „Св.Наум Охридски“

Колку се важни редовните прегледи на дојките?

За значењето на редовните прегледи на дојката, меѓудругото зборува и податокот дека карциономот на дојка е најчест малигнитет во женската популација во светски размери.

Честоста на негово појавување е околу 30% или истиот се јавува кај една од три до четири жени на годишно ниво. Ваквите бројки говорат за потребата на редовни прегледи на дојките посебно за позрелата женска популација, но и женската популација која има фамилијарна предиспозиција односно фамилијарно оптеретување, а тоа значи дека има член во фамилија посебно по мајчина линија кој заболел од карцином на дојка.

Од која возраст пациентките неопходно е да започнат со редовните прегледи на дојките?

Најпрво секоја личност од женски пол треба да знае дека самопрегледот на дојка е првиот чекор при преглед на дојките. Според светските препораки секоја девојка околу 20 годишна возраст треба да започне со самопреглед на дојките и во континуитет да го практикува тоа целиот живот и во време на бременост, но и за време на менопауза.

Самопрегледот се изведува еднаш во месецот помеѓу седмиот и десетиот ден од менструалниот циклус во животен период кога жената менструира, во легната положба со едната рака се палпира контралатералната дојка и обратно, опипувајќи ја целата површина во круг во насока на стрелките на часовникот.

Самопрегледот заедно со ултразвукот на дојка кој се препорачува да се изведува еднаш годишно кај жени со уреден наод е доволен метод на преглед за жени до четириесетата  година од животот.

Со навршување на возраст од 40 години, според Светската здравстена организација, жената треба да почне и со мамографски преглед на дојката, кој се изведува еднаш на две години, комбинирана со ултразвук еднаш годишно и самопреглед еднаш месечно при условно кажано здрава дојка, односно доколку радиологот не утврди и советува нешто поинаку. Почести контроли се препорачуваат при постоење одредени промени кај кои е неопходно доиследување.

Каков е процесот на преглед и кои дијагоностички методи се користат?

Прегледот на дојки го извршува специјалист радиолог кој работи со мама дијагностика или субспецијалист мамодијагностичар.

Во зависност од динамиката на прегледите кога станува збор за ехо преглед тој се изведува во комбинација со клинички преглед од страна на докторот – палпација и инспекција на дојките. Кога е направен мамографски преглед односно мамографско снимање на дојките кое го врши рентген технолог, докторот ја гледа снимката врши споредба со претходните маографски прегледи. Тоа се основните иследувања при редовен преглед на дојка.

Во случај доколку се наиде на одредена промена за која е потребно доиследување може да се даде препорака или направи кор биопсија водена под ултразвук, при што се добива патохистолошки наод за соодветната промена. Во одредени случаи при одредени индикацииможе да се направи и магнетна резонанса на дојките.

Треба да се знае дека ултразвукот и мамографијата кај жени над 40 - годишна возраст се компленментарни, еден со друг се надополнуваат, односно едниот дијагностички модалитет не може да го замени другиот бидејќи и ултразвукот и мамографијата ни даваат свои податоци.

Постои ли можност за самоконтрола или самопреглед во домашни услови?

Ова прашање се надоврзува на претходниот одговор, односно не само што постои можност туку е и неопходен самопреглед во домашни услови,  бидејќи многу често при овие самопрегледи жената може да напипа одредена промена, секако доколку е палпабилна и со тоа да се јави порано на преглед за да истата промена биде соодветно евалуирана.

Воедно е значајно жената да забележи доколку се случат некои надворешни промени на дојките, како на пример: ретракција (вовлекување на мамилата), црвенило, задебелување на кожата, улцерации и сл, да се јави кај лекар.

Колку се важни редовните прегледи во постоперативниот период?

Редовните прегледи во постоперативниот период се исто толку важни како и оние пред откривање на одредена промена на дојката која бара хируршко отстранување. Односно раното откривање на карционмот на дојка е клучен во излекување на болеста и зголемување на стапката на 5 - годишно преживување, односно велиме дека шансите за преживување, тогаш на таа жена се исти како и на здравата жена.

Нормално постоперативната дојка бара еден мултидисциплинарен пристап односно тие жени се водени и од спеијалист торакален хирург, од радиотерапевт - онколог како и од специјалист - радиолог. Ваквиот мултидисциплинарен пристап не само што ја потенцира значајноста на следењето на оперираната жена посебно во првите 5 години,  туку и укажува на потребата на поголема опрезност во тој период и почести контроли, односнио тие жени најчесто прават ехо преглед еднаш на 6 месеци и мамографски преглед еднаш годишно.

Кое е вашето мислење, како послесно да се преброди периодот на дијагностицирање на болеста?

Доколку станува збор за дијагностициран карцином на дојка, затоа што нормално покрај карциномот на дојка како најопасно и малигно заболување постојат и одредени бенигни состојби во дојката, првичната информација претставува еден вид шокантно откритие за пациентката.

Затоа е значајно правилното водење на пациентката од страна на докторот во тој првичен период помеѓу поставувањето на дефинитивната дијагноза, патохистолошки утврден карцином на дојка и оперативниот третман. Тој период е значаен за жената правилно да ја насочи својата енергија во соодветна борба со заболувањето а тоа подразбира цврста волја и силен дух кои се неопходни во тие драматични моменти не само психолошки да се издржи туку и телото на тој начин прима позитивни сигнали во сета таа негативна ситуација кои верувам дека го олеснуваат постоперативниот период и периодот на рехабилитација.

Верувам дека секоја жена кога станува свесна за сознанието дека боледува од карцином на дојка лично го доживува тешко и страшно, но мислам дека позитивна мисла која може да биде присутна во тој период е дека - карциномот постоел и претходно само жената не знаела, со тоа карциномот имал еден вид условно кажано преднсот, во моментот кога бива дијагностициран карциномот жената може да пристапи кон негово отстранување однсосно себе лекување а тоа е огромен чекор напред. Односно на дијагностицирањето на карциномот, покрај тоа што е страшна вест треба да се гледа како на еден чекор понапред во процесот на излекување.

Октомври е месец кој е посветен на борбата против ракот на дојката, која е вашата порака до женската популација која го чита Скопје Инфо?

Бидејќи октомври мсец е месец посветен на борбата против ракот на дојката, во склоп на ова што го кажав претходно, би сакала да препорачам до секоја жена да ги следи препораките за редовни прегледи на дојките, да врши редовни прегледи на дојките, свесни за фактот на високата честост на карциномот на дојка и истовремено придружено со стресните услови на живот со кој помалку или повеќе сите сме засегнати. Ова е се со цел да се постигне рано откривање на карциномот на дојка а со тоа и можност за целосно излегување на болеста.

Секоја жена мора да се почитува себе си тежнеејќи кон одредена рамнотежа во времето кое го одвојува за  работата, обврските и домот и времето кое ќе си го одвои и посвети на сама себе и за себе.