Д-р Лазаров покрена иницијатива: Средствата за награда на матичните лекари да се пренаменат за болни сограѓани

Доктор Ненад Лазаров кој и деновиве реагираше на мерката за финансиската награда од Владата, од 30 денари по пациент, за матичните лекари кои ќе постигнат 70-процентна имунизација на своите пациенти сподели иницијатива за овие средства да се пренаменат за лекување на сограѓаните. 

Тој, на својот фејсбук профил, ги покани колегите да се приклучат кон иницијативата под мотото „Не ни треба стимулација, туку вреднување на трудот“ и вели дека се откажуваат од 30 денари по вакциниран пациент, но бараат тие средства да бидат донирани за лекување на сограѓани. 

- Ниеден пациент не сум разубедил, а сум настапувал аргументирано. Ако не сака, не сака. Првото нешто што ќе ми го каже е ,,јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент”. Не понижуваат, ни велат да потпишеме дека нема да им се случи нешто од вакцината. Како да му сугерирам некому да се вакцинира, навистина не ми е јасно. Како „Топ шоп“ телеоператори треба да бидеме наместо лекари. Не знам како би убедил некого да се вакцинира, од тие што се разубедени дека не сакаат, освен со рестрикции и ограничен пристап до јавни сервиси. Не сакаат најчесто од небулозни причини, а после кога ќе дојдат болни да ги лекувам, се каат, порача доктор Лазаров, пред неколку дена, во изјава за порталот „Слободен печат“.  

Тој додава дека не е во ред здравствените власти на матичните лекари да им ја префрлаат топката за неуспешно спроведената вакцинална кампања.