Д-р Кунгуловски: Само со вакцинација ќе се извлечеме од пандемијата

Повеќе пати сум рекол дека најдобрата одбрана кон тековните и појава на нови соеви на корона вирусот SARS-CoV-2 е брза И ГЛОБАЛНА вакцинација, заедно со помошни мерки за блокирање на трансмисијата. Зошто? Бидејќи вирус којшто не може да се дели и инфицира други луѓе НЕ МОЖЕ ДА МУТИРА и од него да се добиваат нови соеви, напиша на Фејсбук, д-р Горан Кунгуловски, доктор на науки по геномика и молекуларна епигеномика.

„Една од улогите на вакцините покрај другото е да предизвика доволен титар на неутрализирачки антитела* за да ја блокира делбата на вирусот.  Тоа што ефектот на неутрализирачките антитела (најчесто се тестираат моноклонални антитела**) кон некои соеви како бразилскиот и јужно-африканскиот е намален, тоа може, но не мора да значи дека ефикасноста на самите вакцини е драстично намалена кон тие соеви. Воопшто не значи дека тие вакцини се бескорисни кон овие соеви.

Постојат неколку интересни аспекти и сценарија за соевите коишто циркулираат:

-Toa што се појавила конвергентна еволуција кај SARS-CoV-2 (појава на истите мутации независно едни од други во различни региони на светот)  може да значи дека бројот на мутации што водат до зголемена трансмисија и избегнување на имуниот одговор е лимитиран. Тоа значи дека бројот на релевантни нови соеви што би можеле значајно (во негативна смисла) да го променат текот на пандемијата е ограничен. Други мутации што би воделе до зголемено избегнување на имуниот одговор може да имаат контраефект кон вирусот и да ја намалат неговата еволутивната спремност (fitness) и да не може да се задржат во една популација. Се ова досега ни дава доза на оптимизам.

-Сите нови соеви што носат слични мутации (како бразилскиот, јужно-африканскиот, британскиот; калифорнискиот, индискиот и други на нив слични) ќе може да се решат со комбинација на тековниве вакцини и веројатно една нова, специфична за тие мутации. Бидејќи како што напоменав погоре бројот на нови релевантни соеви со нови својства е лимитиран, лимитиран ќе биде и бројот на вакцини што ќе може да ги покријат сите соеви. Исто тоа ни дава доза на оптимизам.

-Според горенаведените информации, многу е поимливо дека приказната со SARS-CoV-2 нема да биде иста како со вирусот на грип во однос на вакцинирање со нова вакцина секоја година. Најверојатно сите ние ќе треба да примиме една, две, три или четири вакцини коишто ќе не штитат од сите соеви, целосно и тоа ќе биде тоа. Како додаток на тоа можеби ќе треба да се прима некоја booster доза (за потикнување) на неколку години.

Да се стрпиме сите. Да се вакцинираме сите. Да се вакцинираме со вакцините коишто сега ги имаме. Да се вакцинираме со вакцините коишто во иднина ќе ги имаме. Ќе ставиме крај на ова“, напиша докторот на Фејсбук.