Д-р Киријас: Со вакцинација можеме да се справиме со Ковид-19

Докторката Мери Киријас во интервју за МИА нагласува дека вакцинацијата е важна, бидејќи таа е единствен начин да се избориме против коронавирусот. 

Според неа, во рок од шест месеци по имунизацијата против коронавирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од Ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг. Мутациите може да отворат простор за ревакцини на неколку години, но се уште е рано да се прогнозира такво нешто. 

Таа нагласува дека присуство на антитела во организмот значи заштита од Ковид-19 и не е важна колкава бројката на антитела, бидејќи заштитата не е само од нив, туку е важен и клеточниот имунитет којшто останува како меморија.

Во однос на забелешките на антиваксерите е дека мРНК-вакцините, во кои спаѓаат оние на „Фајзер“ и „Модерна“ можат да ќе предизвикаат промена на ДНК-та на примателот, д-р Киријас нагласува дека ваквите тврдења немаат логика и тоа биолошки не е можно.

– Таа мРНК влегува во цитоплазмата на клетката и тука останува. Тука од таа мРНК се создава протеин, а ДНК се наоѓа во јадрото на клетката. Јадрото, како што знаеме сите, е обиколено со мембрана, значи не може ни да навлезе таму оваа мРНК, ниту некако да се врзе. Таа останува во цитоплазмата, се создава протеинот и таа се распаѓа. Таа е нестабилна молекула. Значи, не може никако да дојде ниту до ДНК, ниту да се вгради во неа, тоа се тотално неосновани тврдења - нагласува Киријас.

Таа ги објаснува и разликите меѓу „Фајзер“ и „Модерна“ кои сесе т.н. мРНА-вакцини, „Астра Зенека“ и „Спутник“  аденовирусни, додека „Синофарм“ е покласичен тип на вакцина.

- „Фајзер“ и „Модерна“ тие мРНА или вакцини базирани на информационата или месинџер РНК, тоа е всушност носачот во којшто е вметната секвенцата за синтеза на С протеинот, тоа е оној спајк протеин на површината на коронавирусот којшто е одговорен или главен што се спојува со рецепторите на површината на хуманите клетки, на тој начин ги инфицира. И тоа е оној протеин или дел од вирусот према којшто нашите антитела се насочени и со коишто всушност го неутрализираат или блокираат. Токму поради тоа беше одбран тој дел од вирусот како мета или цел во вакцините. И всушност оваа месинџер РНК се обвиткува во една липидна партикла и така се внесува интрамускулно во организмот - прецизира докторката.