Докторката Сузана Камберова објави пост на својот фејсбук профил кој, како што рече, е напишан во револт, после тричасовен пат до дома, а се однесува на проблемот со кој Скопје се соочува веќе подолг период.
- Градот е во сообраќаен, и секаков друг вид, колапс. Граѓаните се оневозможени да ги обавуваат основните свои обврски и потреби. Никој не ги прашува како им е и како ќе се снајдат. А мораат. Кој е виновникот за состојбата, која постепено и упорно ескалираше, та стана сосема неподнослива? Ако не живеете на чекор до работа, секој ден ви почнува во стил на Супермен, со натчовечки напори да се пренесете од една на друга локација. Но денес...Па денес, со ништо претходно не се споредува. Во постземјотресно Скопје имало повеќе ред и организација, сподели таа по вчерашниот колапс на ЈСП.
Вели дека сакала да снима, но и за тоа немала веќе нерви.
- Нагнетени бетер од риби во конзерва, бетер од стока во вагон, луѓето се обидуваа да се напикаат во ретките автобуси, кои пристигнуваа на некоја од постројките. Пред мои очи на една жена ќе ѝ ја искршеа раката стискајќи ја со вратата, друга, повозрасна, почна да ја влече автобусот додека ногата и беше уште на асфалт, а таа се обидуваше барем со дел од телото да се укотви во преполната 27. Прва, после три часа чекање. Некои веќе беа на работ на нервен слом, раздразнети до плачење, после долго чекање од неколку часа, без изглед да дочекаат било што. Околу овие слики како од транспортите за Аушвиц, сообраќаен хаос од возила, закрчени улици и раскрсници, на кои ретко се расплеткуваа сообраќајните јазли, и тоа само на кратко, за повторно да се збијат, згуснат колони возила и да не загуши смрдеата на издувни гасови, раскажува докторката во својата објава.
Она што го нотира таа е и дека во исто време Пајак службата функционирала беспрекорно.
- Во целиот тој хаос, вредно ко пчелка на пролет, работеше Пајак службата, успешно пробивајќи се низ сообраќајниот шпиц, со своите мали слатки улови, за кои ќе добијат добри парички. Види чудо, тие никогаш не остануваат без нафта или бензин.
- Немале нафта, имале долг, немале/имале тендер, чинел/не чинел, Мицковски бил крив, те сите биле криви, а и никој не бил крив, криво/право- на крај криво ќе биде Скопје што воопшто има граѓани. Мене, а верувам и никому од нас, воопшто не ни е гајле кој е крив за ваквиот хаос. Тоа е проблем на тие кои го генерирале и оние кои се нафатиле да раководат со градот. За ова дереџе до кое сме доведени, веројатно некој треба и кривично да одговара, децисна е докторката, видно револирана од овој проблем кој од вчера е тема број еден за скопјани.
- Ова одамна не е град, а не е ни село. Дури не е ни џунгла. Ова е обична канализациска шахта и сите во неа ќе се удавиме, Толку, завршува Камберова.
Целиот нејзин статус може да го прочитате во продолжение: