Д-р Даниловски: „Омикрон“ е позаразен, но предизвикува благи симптоми

Новиот води-сој познат под името омикрон го исплаши светот. 

Прашање на време е кога ќе пристигне и кај нас, смета познатиот доктор епидемиолог Драган Даниловски. Тој во разговор за „Фокус“ вели: 

-Кога ќе биде тоа, ќе зависи од бариерите што ќе ги поставиме на границите. Кога вирусите ќе се најдат загрозени во нивните походи, тие настојуваат да се адаптираат на новите услови, за да бидат во состојба непречено да се шират. Тоа го постигнуваат со помали или поголеми мутации, преку кои стануваат или позаразни или посмртоносни. Тој е исклучително заразен, но веќе се согледува дека предизвикува благи симптоми. Сѐ уште нема податоци како делува на постари и хронично болни лица. Кај нив веројатно би предизвикал потешка болест – исто како кај сезонскиот грип. Затоа, тие треба да внимаваат и да се заштитат. Со појавата на омикрон, веројатно ги гледаме последните „трзаи“ на короната на планетата. Многу скоро – веројатно веќе догодина – ќе се сведе на респираторна инфекција со значење аналогно на сезонскиот грип. Секоја сезона понатаму, ризичните групи ќе треба да се вакцинираат не само против сезонски грип, туку и против ковид, вели доктор Даниловски.

-Новата варијанта има 32 мутации во протеинот на шилецот. За споредба, делта варијантата, која се смета за многу заразна, покажува осум мутации. Иако, бројот на мутации во протеинот на шилецот не е точен показател за тоа колку е опасна новата варијанта, тој сугерира дека на човечкиот имунолошки систем може да му биде потешко да се бори со неа. Постојат индикации дека омикрон може да го избегне имунолошкиот одговор во голема мера, оставајќи ги луѓето во поголем ризик, тврди епидемиологот.