Проф. Д-р Драган Даниловски, за порталот „Доктори“ појаснува дека со појавата на варијантата Омикрон се покажа дека не е можно да се сопре ширењето со никакви рестриктивни мерки.
-Сите соеви на Омикрон се толку брзи (високо заразни), што секогаш ќе бидат први во трката. Затоа, веќе не беше можна т.н. стратегија на нулта-ковид толеранција, туку стратегија „да научиме да живееме со вирусот“, вели докторот.
Тој образложува дека некои земји, како Кина, на пример, и понатаму инсистираа на стратегијата на нулта ковид-толеранција. И продолжија со масовни и многу строги „заклучувања“ (локдауни) на цели градови. За конечно и тие да сфатат дека тоа не функционира. Па и тие почнаа да попуштаат.
-Стратегијата „да научиме да живееме со вирусот“ стана можна и прифатлива и заради фактот што Омикрон предизвикува неспоредливо полесна болест од сите претходни варијанти (заради веќе стекнатиот силен имунолошки бедем на популацијата, но и заради еволуцијата на самиот вирус). Тоа особено е видливо со последната подваријанта на Омикрон, БА.5, што се шири и кај нас.
Реалниот број на нови заразени се мери со илјадници (а се регистрираат само околу 2%), но наспроти тоа, процентот на хоспитализирани е само околу 1,8%, а леталитетот (смртноста) едвај 0,5%, вели д-р Даниловски.
Целиот негов стан на оваа тема во продолжение:
Овие факти, практично, веќе го вбројуваат ковидот во ист ранг со сезонскиот грип, па дури и со настинките. Тој веќе е на пат да стане петтиот член (покрај постоечките четири) на семејството коронавируси, предизвикувачи на настинки.
За волја на вистината, точно е дека некои луѓе, по прележувањето, развиваат симптоми на пост-ковид синдром. Отприлика, 1-3 од 10 прележани ќе се соочат со такви последици. Единствен начин тоа да се избегне е вакцинацијата.
Арно ама, сведоци сме дека расположението за вакцинација е на многу ниско ниво. Оттаму, преостанува вакцинацијата да се препорачува само на високо ризичните поединци (старите лица, оние со хронични болести и со компромитиран имунолошки систем).
Сите други имаат избор, по сопствена волја, на две опции: прво, слободно да се изложуваат на вирусот (и најчесто, лесно да го поминуваат, но и да си го прифатат ризикот за можен пост-ковид синдром) и второ, да се вакцинираат.
Повторувам, тоа е личен избор! Веќе е сосема непотребно и депласирано, државата да врши принуда за било што во врска со ковидот! Доволни беа две и пол години, за секој од нас да сфати како ќе живее понатаму.
Државата има обврска да се грижи само да не дојде до преоптоварување на здравствениот систем!
Таа е должна да преземе одредени ограничувања, само ако настане таква закана.
Индикатори за тоа се движењето на бројот на хоспитализираните пациенти и процентот на пополнети кревети во болниците. Не е тоа бројот на нови позитивни (не велам заразени зашто добар дел од нив, всушност, и не се заразени). И толку.
Секако, државата има обврска да изгради систем за згрижување на оние со пост-ковид синдром, со формирање на пост-ковид центри. Но, тоа е друга тема.
Тоа е таа нова реалност, во која, ако сакаме да продолжиме со нормалното живеење, треба да сме свесни дека на тој пат постојат и одредени, постојано присутни ризици, некогаш пониски, некогаш повисоки.
Исто онака, како што со отворени очи и чиста свест прифаќаме да летаме во авион, да се возиме со автомобил или моторцикл.
Не е животот живот, ако се живее во стаклено ѕвоно, зарем не? Време е сите тоа конечно да го сфатиме.