Д-р Даниловски: Ковид-19 веќе не претставува значаен јавно-здравствен проблем

Д-р Драган Даниловски во интервју за Фактор детално ја објаснува моменталната состојба со корона вирусот во земјава. 

-Имајќи предвид дека сме мала популација, откако се случи БА.4 и БА.5 (поверојатно БА.5) несомнено да се веќе меѓу нас (најверојатно е така, зашто, секвенционирање не се спроведува), тие ќе „беснеат“ сѐ додека има „гориво“. И стихијата ќе стивне до крај на летото. Наесен веќе нема да има доволно гориво за одржување на огнот. А, летово сите ќе стекнеме свежа заштита. Оттаму, за очекување е да имаме релативно мирна есен со поблаг пораст на бројките, отколку летово (заради дружби во затворен простор), но, САМО под претпоставка да останат доминантни подваријантите БА.4/5, вели д-р Драган Даниловски во интервјуто.

-Се разбира, претходново сценарио не важи, ако се покаже дека варијантата Кентаур (БА.2.75) има способност да ги надвладее БА.4/5. Во тој случај, би имале есенско-зимски бран, но дефинитивно, без закана за преоптоварување на болниците, додава тој.

Тој смета дека, без оглед колку варијанти и подваријанти да се појават во иднина, КОВИД-19 веќе не претставува значаен јавно-здравствен проблем.

-Практично, веќе не е ни потребно да се соопштуваат јавно бројките на нови пријавени случаи. Тоа нема стручна смисла, зашто тие се нереални! Според математичкиот модел на Imperial College London (ICL), пријавениот број на случаи – веќе кажавме погоре - е само врв од леден брег и претставува, во просек само околу 2% од реалниот. Или, конкретно кажано, да речеме, 500 пријавени случаи дневно, всушност значат реални, во просек, 25.000! Зошто непотребно да се сее немир кај населението? Секако, епидемиолошките служби и понатаму мораат да бидат будни и да ги следат трендовите на бројките, особено на хоспитализираните пациенти и пополнетоста на болничките постели. Ова со цел да може да се определува нивото на КОВИД-19 во заедницата (кое – да потсетам – во моментов сѐ уште е зелено!), за да може навремено да се планираат соодветни мерки за контрола и превенција, појаснува тој.