Д-р Даниловски: Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира!

Еминетниот епидемиолог и професор на Медицинскиот факултет, д-р Драган Даниловски, по написите во повеќе медиуми дека ЛДП предлага тој и микробиологот, проф. д-р Никола Пановски да влезат во Комисијата за заразни болести се обрати до јавноста со подолг пост на фејсбук.

-Никој никогаш од ЛДП не разговарал со мене дека планирале да ме предложат во Комисијата за заразни болести, ниту побарал моја согласност. Дури и ако претпоставиме дека навистина од ЛДП имале намера да ме предложат, јавно изјавувам дека: Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!, дециден е Даниловски. 

Тој појаснува и зошто: 

-Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна, појаснува докторот. 

Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сѐ што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство – но, пред сѐ, граѓаните, пишува д-р Даниловски.