Д-р Даниловски: Како може да се дозволи болничка смртност (леталитет) од 61,5%?

Професор Д-р Драган Даниловски во разговор за порталот Фактор појаснува дека, делат плус сојот кој веќе пристигна во соседните земји, е прашање на време кога ќе се појави и кај нас, но сепак, како што вели тоа нема значително да ја влоши епидемиолошката состојба во земјава. 

-Од досега расположливите податоци е заклучено дека делта плус сојот е за околу 10 проценти позаразен од делта сојот. Се претпоставува дека стекнатиот имунитет со прележување или вакцинација сѐ уште заштитува и од него. Бидејќи сите земји во светот сме делови од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно тој ќе се прелее и кај нас. Не можам да претпоставам кога тоа ќе се случи. Но, сигурен сум дека тоа нема значајно да ја наруши епидемиолошката ситуација. Мутацијата е направена во спајк протеинот кој навлегува во клетките и токму заради таа мутација во протеинот на шилецот („спајк протеин“) е причина за неговата поголема заразност, која грубо е проценето дека е за околу 10 проценти поголема од онаа на делта. Сѐ уште не може да се согледа дали предизвикува потешки симптоми, вели епидемиологот Даниловски.

Добро би било да се вратат оние рестрикции што непотребно беа подигнати некаде околу 20 октомври, нагласува во разговорот професорот Даниловски. 

-Сепак, мислам дека колективниот имунитет што го имаме ќе спречи преоптоварување на болниците. На 8 ноември имаше вкупно 548 хоспитализирани. Се разбира, никогаш не може ништо со сигурност да се тврди. Недозволиво високата смртност е посебна тема. Како може да се дозволи болничка смртност (леталитет) од 61,5 проценти? За споредба, таа во САД изнесува 10 проценти. Мислам дека причините треба сериозно да се анализираат во некое второ време, појаснува докторот.