Д-р Чолакова Дервишова: Во сите други соседни држави лекарите беа наградени без да се бара исполнување на некој услов

Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, во изјава за порталот „Фактор“  вели дека педијатрите работат со мала популација која и онака не се вакцинира, другите лекари имаат пациенти кои или се прележани, или веќе се вакцинирале или пак имаат возрасни пациенти кои би можеле да имаат контраиндикации и нема да се имунизираат.

Таа смета дека ниту еден матичен нема да го достигне бараниот процент за добивање на стимулација.

Чолакова Дервишова објаснува дека на тема вакцинација тие со пациентите разговараат веќе две години, но ниту еден лекар нема да се дрзне да убедува пациент да се вакцинира, доколку тој не сака.

-Стимулација со услов не е стимулација. Во сите други соседни држави лекарите беа наградени без да се бара исполнување на некој услов. Пациентите си имаат загарантирано право со Устав и со закон самите да одлучуваат за себе. Ниту еден лекар нема да се дрзне да убедува некого да се вакцинира и да ја сруши таа доверба која ја градел 30 години, рече Чолакова Дервишова.

Таа додава дека и во другите сфери кај нас, кога се наградуваат одредени кадри, тоа обично е без некакви услови. Вели дека 30 години не е направено ништо за примарното здравство во земјава.