Д-р Беќаровски со став зошто не се набавува лекот за цистична фиброза: Одговорот е суров и нехуман!

Болните од цистична фиброза и натаму го чекаат лекот кој, за жал, е премногу скап. 

Зошто се одолговлекува набавката на овој лек, свој одговор даде д-р Нико Беќаровски. 

-Многумина изминативе денови ме прашуваа зошто Министерството за Здравство не го набави лекот за болните од цистична фиброза и со тоа не си го зголеми својот рејтинг кај граѓаните. Одговорот е многу едноставен и за жал премногу суров и нехуман: Лекот е прескап за да може ФЗО да ги покрие трошоците, а во Буџетот не се предвидени 25 до 30 милиони евра за набавка на овие лекови. 

ТРИКАФТА е магичната комбинација од 3+1 лекови, спакувани во една таблета, кои кај 90% ја подобруваат клиничката слика на оваа генетски детерминирана болест.

Оваа магична таблета е дозволена за употреба, зависно од протоколите кај сите над 6 или 12 години. Дневната доза е 2 +1 таблета и малопродажната цена за еден ден терапија е околу 1000 $ или годишната цена е околу 350.000 $ за еден пациент. (306.800 $ ПО пациент е просечната цена во Канада за 2022 година, каде трошокот е комплетно покриен од Фондот)

Во Македонија во моментов има околу 130 пациенти со болеста, од кој значителен дел ги исполнуваат критериумите за оваа терапија.

Само едномесечна плата на Кристијано Роналдо би ги покрила годишните трошоците за терапија на овие 130 измачени наши сограѓани, вели д-р Беќаровски.